дома Балкан Грчкиот здравствен систем се мобилизира, отповикани редовните одмори на здравствените работници

Грчкиот здравствен систем се мобилизира, отповикани редовните одмори на здравствените работници

Со одлука на министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас и алтернативниот министер Василис Кондозаманис, од 1 септември се отповикуваат сите редовни годишни одмори на сите вработени во болниците, брзата помош, во Националната организација за јавно здравје, како и во јавните установи за примарна здравствена заштита, јави дописничката на МИА од Атина.

Конкретното цилкуларно писмо, кое го објавуваат грчките медиуми е со денешен датум и потпишан од Кикиљас и Кондозаманис.

Грчката новинска агенција АНА-МПА пишува дека целта е здравствениот систем да биде оперативно подготвен, бидејќи според експертите земјата е веќе во четвртиот бран, а „првата половина од септември се смета за клучна за управувањето со пандемијата, со оглед на тоа дека граѓаните се враќаат одмор и се отвораат активности во општеството“.

Паралелно, од 1 септември стапува во сила и одлуката на грчката Влада за задолжителна вакцинација на здравствените работници, а во спротивно предвиден е принуден, неплатен одмор.

Во изминатите 24 часа во Грција е регистрирано дополнително зголемување на пациентите приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега, вкупно 332 односно шест повеќе од вчера, а зголемен е и бројот на починати лица, вкупно 42.

Согласно денешните податоци од Националната организација за јавно здравје, регистрирани се 3.273 нови случаи на Ковид-19 од 93.988 направени тестови (17.144 ПЦР и 76.844 рапид).