дома Балкан ГРЧКИТЕ ПЛАЖИ ВО ЦРНО: Еколошка катастрофа во Грција, откако потона танкер во...

ГРЧКИТЕ ПЛАЖИ ВО ЦРНО: Еколошка катастрофа во Грција, откако потона танкер во близина на Атика

Министерството за здравство на Грција донесе итна одлука за забрана за капење на плажите во сите подрачја на Атика поради излевање на нафта во близина на Саламина. Меѓу забранетите локации се и многуте популарни плажи на поширокото подрачје на Атина и Пиреја, јавува агенцијата АНА

Малиот грчки танкер „Агиа Зони 2“, долг 91 метар, потонал на почетокот на неделата од непознати причини непосредно по испловувањето недалеку од Пирејското пристаниште со товар од 2.200 тони и 340 тони дизел гориво за бродови.

Мазутот во вторникот пристигнал до брегот на островот Саламина кој се наоѓа во близнина на местото каде што потонал бродот.

Граѓаните и туристите се повикани да не доаѓаат на брегот за да не им пречат на екипите кои работат на бариерите и кои фрлаат хемикалии во морето кои ја разградуваат нафтата.

Работниците поставуваат и посебни ролни ткаенина кои го собираат мазутот кој прекрива и по десетина метри ширина на песочните плажи.
На повик на грчката влада, Европската унија веднаш на лице место го испратила посебниот брод, кој веќе бил на вежба во близина, за да им помогне на грчките служби.

Екипажот на бродот „АКТАИА Ојл спил респонз весел“ веќе започнала да го собира истурениот мазуот од површината на морето и дизел горивото од потонатиот танкер.

Чистењето би можело да трае и до четири месеци, изјавила во вторникот официјалната претставничка на регионалните власти Вула Тутунци, со оценка дека се случила „огромна еколошка и економска катастрофа“.

Против капетанот на потонатиот брод и првиот офицер се подигнати и кривични постапки против немарност.