дома Македонија Гувернерката открива, ќе се качува инфлациjaта

Гувернерката открива, ќе се качува инфлациjaта

Набргу ќе има нагорна ревизија на предвидената стапка на инфлацијата за земјава од страна на Народната банка и тоа по вторпат годинава. Ова во изјава дадена за Фактор го потврди гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, откако Стопанската комора предупреди на вртоглав раст на цените до крајот на годината и побара помош од креаторите на политките.

На почетокот на ноември, кога се очекува да ги финализираме макроекономските проекции, ќе излеземе со нова проценка за инфлацијата за оваа година, но извесно е дека таа бројка ќе биде умерено повисока од 2,2 отсто“, најавува гувернерката.

Инаку, првичната планирана стапка на инфлација за годинава изнесуваше 1,5%, а сега најверојатно ќе достигне двојно од првичната проекција. Сепак, гувернерката во изјавата вели дека ситуацијата не е алармантна и дека оваа година во глобални рамки и се очекувало зголемување на цените, и на храната и на енергенсите, со оглед што тие паѓаа минатата година, па сега е практично многу пониска споредбената основа.

Европските медиуми наголемо пишуваат за енергетска криза во Европа и вртоглавиот раст на цените на електричната енергија и гасот. Цената на електричната енергија на берзите е зголемена за преку 200%, како и неколкукратно зголемување на цената на природниот гас.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески испрати апел до Владата дека преработувачката индустрија е пред колапс и дека ако не интервенира Владата цените на производите ќе скокнат и до вртоглави 50%.

Премиерот пак рече дека не очекува раст на цените, затоа што струјата не учествува многу во крајната цена на производите.