дома Политика ДВОЈНИ АРШИНИ НА СУДОТ: Судиите му се извинуваат на Заев, измислуваат рочишта...

ДВОЈНИ АРШИНИ НА СУДОТ: Судиите му се извинуваат на Заев, измислуваат рочишта за Груевски

Поранешниот премиер Никола Груевски кој денес дојде во судот на рочиштето за случајот „Тракторија“ истакна дека судиите различно постапуваат во случаите што се водат против него и против Заев во истиот суд.

– Денешното рочиште се одложи и како што може да се види во случајот на Заев судиите му се извинуваат што го малтретираат да дојде на рочиште и ги закажуваат рочиштата на многу долги периоди, во овој случај имаме различна ситуација, рече Груевски пред судот.

Прво, како што истакна, измислија причини за истраги, а потоа и обвиненија без каква било основа.

– Потоа, кога видоа дека нема никакви докази, а имаат обвиненија, почнаа да вршат притисоци врз судии. На некој начин давањето на 15 судии на Совет за факти за разрешување требаше да внесе страв кај судиите и веројатно внесе кај некои од нив, рече Груевски.

Посочи дека бил извршен и притисок врз Апелацискиот суд да ги прифати монтираните разговори како докази, иако, како што рече, Законот многу јасно и недвосмислено покажува дека тоа не може да бидат докази во доказна постапка.

– Кога сфатија дека и тоа не е доволно одлучија да ги менуваат судиите и да ставаат нови судии и можеме да претпоставиме под кои критериуми, рече тој обвинувајќи дека се случува политички прогон.

Прашан за новоотворената истрага за „Странски служби“, Груевски рече дека не знае и оти не е во тек со тоа.

– Нека си вршат истраги какви сакаат, немаме од што да стравуваме, изјави Груевски.