дома Македонија ДЕТАЛИ ЗА ИНЦИДЕНТОТ ВО ТЕТОВСКАТА КАСАРНА: Митралезот бил монтиран на „хермелин“, а...

ДЕТАЛИ ЗА ИНЦИДЕНТОТ ВО ТЕТОВСКАТА КАСАРНА: Митралезот бил монтиран на „хермелин“, а заглавил уште при вежба во Штип

Според првичните сознанија, настанот се случил кога двајца војници од тимот, по враќањето од воена вежба во Штип, го симнале митралезот тежок 35 килограми кој бил монтиран на хермелин. Во моментот на пренесување на митралезот во хангарот, тој испукал еден куршум кој повредил други двајца војници кои го чистеле оружјето.

Надлежниот јавен обвинител разговарал со неколкумина војници кои биле очевидци на целиот настан и кои објасниле дека митралезот неколку пати заглавил и за време на воената вежба во Штип.

За целосно расветлување на случајот, по наредба на надлежен јавен обвинител ќе биде извршено вештачење на митралезот и на чаурата пронајдена на лице место, а ќе биде прегледан и целокупниот протокол на изведената воена вежба во Штип. Дополнително, ќе биде прибавена и целосната медицинска документација за двајцата повредени војници, кои во моментов се во стабилна состојба и надвор од животна опасност.

Настанот го испитува и Одделението за криминалистика при Воената полиција, кое исто така својот извештај ќе го достави до надлежниот јавен обвинител.