дома Македонија Димитров по средбата со Дендиас: Со Договорот од Преспа и двете страни...

Димитров по средбата со Дендиас: Со Договорот од Преспа и двете страни имаат обврски, како брендовите и трговски марки

Има значаен напредок во спроведувањето на Договорот од Преспа, а соработката на двете земји е во конструктивен дух. Веќе се постигнати договори за соработка, напредок на економијата, инвестициите и инфраструктурата, оценија министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Дендиас денеска во Скопје.


–Договорот отвори огромен потенцијал за соработка помеѓу две соседни европски држави. Ако го решевме прашањето во 90-тите години, сега ќе бевме многу напред. Договорот создава повеќе правни обврски за нашата страна, но и делови каде имаме еднакви обврски, како брендовите и трговските марки. Важно е да имаме разбирање и почит за грижата на другата страна, ако го направиме тоа, ќе бидеме двете држави големи – рече Димитров.

Дендиас, пак, на заедничката прес-конференција повтори дека е сигурен оти земјава наскоро ќе ги почне преговорите со ЕУ и дека за тоа има целосна поддршка од Грција, но истовремено потсети дека Договорот од Преспа треба целосно да се спроведе.

–Веќе постои значаен напредок во имплементацијата на договорот од Преспа. Потребно е да се побрза со имплементација на договорот. Соработуваме во конструктивен дух за подобрување на нашите односи. Значајни договори носат значајни резултати за двете земји. Имаме договори за соработка, напредок на економијата, инвестициите и инфраструктурата. Нагласувам уште еднаш дека влезот на С Македонија и останатите земји од Западен Балкан е заедничка цел за регионот да премине во нова реалност која се потпира на европски рамки – рече Дендиас.

Тој, како што додаде, го разбира разочарувањето во С Македонија за недобивање датум и истакна дека Грција уште одма почнала со активности за земјава што поскоро да добие датум, но не кажа за какви иницијативи се работи.

На прашањето колку е задоволен од спроведувањето на Договорот, но и за доцнењето со менувањето на патоказите, особено во С Грција, Дендиас изјави дека во земјава постоеле сериозни доцнења.

–И во С Македонија постојат сериозни доцнења. Разговаравме искрено, како и секогаш со господинот Димитров. Постои амбасадор кој е одговорен за имплементација на договорот, во таа смисла одиме напред. Имаме долгорочна стратешка цел, влез на Западен Балкан во ЕУ. Услуга не може да се направи никому, како ние го поминавме овој тест, така и останатите треба. С Македонија ја има поддршката од некој кој го поминал овој пат. Ние ѝ нудиме на С Македонија секаква соработка. Грција е тука за да помогне секаде каде што може – рече Дендиас, без да ги коментира патоказите.

Што се однесува до почитувањето на Договорот од Преспа, тој кажа дека Неа демократиа имаше поинакви ставови, но грчкиот премиер јасно кажа дека истиот ќе се почитува, бидејќи е континуитет на државата.

–Без разлика на предвремените избори, во согласност со самата содржина и текстот на Дговорот од Преспа, дали опозицијата има ист став е повеќе прашање за нив. Битно е да се знае дека Договорот е дел од нашиот систем. Договорите мора да се почитуваат.Убеден сум дека прашањето ќе биде реторичко или хипотетичко, бидејќи нема да победи опозицијата на предвремените избори – изјави Димитров.
Дендиас која е во прва посета на земјава, треба да има средби и со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев, а потоа ќе замине за Албанија.