„Не одете во Дубровник, одете во Охрид“ е насловот на статијата што ја објави денеска електронското издание на српски „Дневник“, пренесувајќи ја анализата на интернационалниот туристички портал „Дискаверер“ (The Discoverer).
Според „Дискаверер“, наместо во Дубровник, туристите треба да одат во Охрид.
– Наместо да се обидувате да биде среќникот што ќе добие билет за разгледување на дубровничките локации, посетете го прекрасниот град Охрид во блиската Македонија.
Според неа, посетата на старото историско јадро на Дубровник е врвно доживување на кој било одмор, но метежот во тесните улички и премини не придонесува за квалитетот на тоа искуство. Пренатрупаноста ја дополнуваат крузерите кои истоваруваат голем број патници и го зголемуваат бројот на луѓе во градот на неколку часа, а кога на тоа ќе се надоврзе и фактот дека Дубровник е се по познат и по смешно популарната серија „Играта на престоли“, настанува проблем од епски размери.