(Документи)Нова „Рекет“ афера – овој пат рекетиран Сергеј Самсоненко за неколку милиони евра

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Никогаш не ми било јасно, зошто, македонското општество е навикнато да уништува се што му носи среќа. Се она што го радува, му го разубавува животот или му носи чувство на национална гордост.

Така е и за името, и знамето, Уставот, јазикот и историјата. Ние сме подготвени да уништиме се поради лични или тесногради интереси. Да потсетам, ние си го продадовме знамето во бизнис зделка од која профитираа неколкумина. Го продадовме името во пазарџиска зделка, од која профитираше Кочо Анѓушев и неговиот владин шеф Зоран Заев – едниот зема пари од Грчкото национално електростопанство, другиот ќари пет години власт и небројани бизниси.

Во моментов пазарџиски се ценкаме и за нашата историја, јазик и култура. Повторно, поради лични/партиски интереси и желба за власт.

Не ми е јасно, и никогаш веројатно нема да ми стане јасно.

Еве, еден таков сличен пример е и оној со Сергеј Самсоненко. Нели е срамно овој човек кој ја донесе можеби најголемата спортска радост на Македонецот, Албанецот, Србинот, Ромот, ВМРОвецот, СДСМовецот да биде предмет на изживување и вметнат во шема за уништување. Зошто? Како оваа држава може да се нарече држава ако не сме способни како колектив да застанеме во негова одбрана и да се обидеме да спречиме да биде наместен, искористен, ограбен и избркан. Со кое право се нарекуваме држава ако ова не можеме да го направиме.

Но да разјаснам.

Замислете, нарачувате мебел од некој производител. Нарачувате една гарнитура, трпезариска маса и столчиња. Плаќате 85% од нарачката, и по една година ништо не ви е доставено. Наместо тоа, продавачот ве дава на извршување и ви ја блокира сметката на сума која што тој самиот си ја пресметал во некаков сопствен записник за наводно испорачана стока.

Да бидам прецизен.

Во 2015 година, компаниите на рускиот бизнисмен кои се сопственици на објектот „Офицерски Дом“ склучиле договор за Деловно-техничка соработка за инсталирање на машинска опрема за греење и ладење со компанијата „Кратер“ инаку сопственост на бизнисменот Миле Младеновски, по потекло од Крива Паланка, поточно од истото село од кое потекнува и актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Во 2016 година, двете страни пристапиле кон потпишување кон уште еден Договор, а во врска со основниот, во кој Самсоненко гарантира дека по извршувањето на нарчаната работа, договорот ќе биде исплатен. И до тука нема никаков проблем.

Во 2018 година, спротивно на одредбите од договорот, компанијата „Кратер“ преку својот адвокат доставува барање за потврда на извршност на договорот кај нотарот Ристо Папазов – инаку, овој нотар е еден од обвинетите во предметот „Шпански Скали“.

Веднаш по ставањето на потврдата за извшрност, истото барање заедно со сега заверениот договор се испратени кај извршител Магдалена Симовска Давидовиќ, која го ефектуира ова барање и ги блокира сметките на компаниите на Самсоненко на износ од 119.065.403 денари.

Во меѓувреме, компанијата „Кратер“ доставува и барање за отворање на стечајна постапка за компанијата „СИС ИНВЕСТ ГРУП“ сопственост на Сергеј Самсоненко.

За да ја избегне оваа ситуација, рускиот бизнисмен склучил договор за пристапување кон долг, ги платил бараните пари, а фирмата не влегла во стечај. Сепак фирмите останале со блокирани сметки и покрај платените долгови.

До тука изгледа нормално, но каде е шемата

Проблемот произлегува во 2018. година, кога нотарот Ристо Папазов одлучил да стави потврда за извршност врз Договорот за гаранција, кој бил заверен со различни печати и потписи од оние кои биле ставени во 2016. година кога истиот бил оригинално потпишан.

Проблемот во Договорот за гаранција, кој во 2016. година го потпишале компаниите на Самсоненко „СИС ИНВЕСТ ГРУП“ и „Балкан Груп Констракшн“ немал извршна клаузула, а оттаму и не може да послужи како основа за извршување и блокирање на сметките на компаниите на рускиот бизнисмен.

Во 2018. година овие две фирми го смениле својот облик, па од ДООЕЛ биле трансформирани во ДОО. Нормално, добиле и нови печати. Во 2018. година е направен нов договор, овој пат без знаење на Самсоненко, кој бил заверен со новите печати, но и анти-датирани во 2016. година. Практично, бил направен фалсификат на оригиналниот договор во кој била вметната извршната клаузула врз која веднаш потоа и биле блокирани сметките на бизнисменот.

Во тој момент директор во „СИС ИНВЕСТ ГРУП“ е Ратко Капушевски, инаку на јавноста познат и како директор на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој за малку избегна кривична пријава, а веројатно и пресуда за малверзации во врска со изградбата на Водниот парк во склоп на СЦБТ. Интересно, во истиот овој период Капушевски добива и позајмица од 165.000 евра од фирмата „Кратер“ на неговата лична фирма. Веднаш потоа, „Кратер“ отвара извршување врз фирмите на Самсоненко во кои Капушевски е директор.

Она што пак дополнително го прави случајот интересен, е што Капушевски воопшто немал право да потпишува договори со вредност поголема од 100.000 евра, согласно неговиот договор за вработување во фирмата на Самсоненко.

Колку за информација, Капушевски заедно со уште еден негов бизнис партнер од Струмица во компанијата „РКМ ДООЕЛ“ добија тендер за снабдување на ТЕЦ Неготино со мазут. Истиот мазут поради кој од функцијата директор на пазарната инспекција беше разрешен Стојко Пауновски.

Нотари, извршители, адвокати и судии

Ништо од ова не би било возможно без во оваа конструкција да бидат вмешани нотари, извршители, адвокати и судии, кои го аминувале овој криминал на неколкумина поединци и станале злосторничко здружение.

Крајната цел е одземање на објектот на „Офицерски дом“ кој има површина од неверојатни 60.000м2 и вредност од неколку стотици милиони евра.

Ова е само првиот дел од сторијата, а има повеќе…

А.Митовски

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This