дома Македонија ДО СЕГА ПОТРОШИЛЕ 200 ИЛЈАДИ ЕВРА: МЕПСО купува кожени столчиња од 90.000...

ДО СЕГА ПОТРОШИЛЕ 200 ИЛЈАДИ ЕВРА: МЕПСО купува кожени столчиња од 90.000 евра

Откако кон почетоков на годинава АД МЕПСО се поднови со мебел од над 200 илјади евра, сега компанијата повторно се подновува со различни видови столчиња, за кои ќе потроши над 90 илјади. Во договорот склучен со фирмата ОФИС и КО. ДОО увоз-извоз Скопје стои дека се купени над 400 столчиња – најскапите чинат 18.500 денари по столче, а најевтините околу 5 илјади денари, пренесува Макфакс.

Во договорот за набавка за поголем дел од столчињата со кои ќе се поднови компанијата се бара да бидат „ергономски, со висок наслон, гумирани тркала, седиштето да биде обложено со огноотпорна пена, соодветна сакрална, лумбална и торакална поддршка, фиксирање во пет позиции, а седиштето и наслонот да се тапацирани со природна кожа“.

Цените на столчињата за АД МЕПСО се движат од 5 илјади денари, се нарачуваат столчиња и од над 14 илјади денари, 50 столчиња од 15 илјади, едно столче од 18.500, а најмногу, односно 165 столчиња чинат по 9.500 денари без вклучен ДДВ. За сето ова, со вклучен ДДВ, МЕПСО ќе плати 5,6 милиони денари или над 90 илјади евра.

Кон почетокот на годинава МЕПСО се поднови и со фотелји од телешка кожа. Компанијата склучи договор вреден 212 илјади евра, со „Леснина ми“, фирма од која беа купени кујни, канцелариски мебел и гарнитури, но во јавноста посебен впечаток оставија фотелјите од 14 илјади евра за кои беше потенцирано дека треба да бидат тапацирани со природна телешка кожа.