ДEТAЛНA AНAЛИЗА: Eве што пoкaжyвaaт нajнoвитe cтyдии и иcтpaжyвaњa вo вpcка co кopoнaвиpycoт

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Делта е најзагрижувачка варијанта на ковид-19

И покрај неодамнешното појавување на варијантата наречена ми, според податоците со кои излезе СЗО, високопреносливата делта-варијанта сè уште се смета за „најзагрижувачка“ од сите коронавируси што во моментов циркулираат глобално. Американскиот епидемиолог Мариа ван Керкове од СЗО, ангажирана како водач на тимот во Агенцијата за борба против пандемијата на ковид-19, за време на виртуелната прес-конференција, одржана пред неколку дена, изјави дека варијантата ми, која навидум покажува потенцијал да го „избегне“ имунитетот стекнат по пат на вакцинирање или претходно инфицирање, допрва ќе направи значителен упад во земјите низ светот, како што тоа веќе го направи попознатата делта-варијанта.

Мене најмногу ме загрижува варијантата делта, поради тоа што покажува зголемена преносливост – рече Ван Керкове.

Ги надминува преостанатите коронавирус-соеви

Д-р Мајк Рајан, шеф на Програмата на СЗО за итни здравствени состојби, тврди дека делта-сојот поседува уникатни способности со кои може да ги „надмине“ преостанатите варијанти на коронавирусот.
Очекуваме да видиме и други варијанти како делта. Не секоја варијанта значи дека „небото ќе ни се сруши врз глава“.

Секоја варијанта треба да се анализира посебно, со нејзините карактеристики во однос на нејзиниот потенцијал да предизвика потешки облици на болеста, нејзиниот потенцијал за пренос и потенцијалот да ја ескивира вакцината – изјави Рајан.

Откако минатата есен првпат беше детектиран од научниците во Индија, делта-сојот веќе се прошири најмалку во 170 земји.

Според податоците на американскиот центар за контрола и превенција од болести, во САД сега оваа варијанта е најдоминантна и е застапена во повеќе од 95 отсто од проследените случаи.

И сојот ми нашироко циркулира

Од друга страна, се дојде до податоци дека варијантата ми циркулира во 49 држави. Засега само Небраска успеа да нема ниту еден инфициран со оваа варијанта на коронавирусот. Во медицинските кругови позната и како Б.1.621, таа неодамна беше додадена на листата на „внимание“ на СЗО.

Оваа варијанта „има констелација од мутации што индицираат потенцијални способности за победа над имунитетот“, напишаа од СЗО во својот епидемиолошки извештај за ковид-19, додавајќи дека таа е веќе идентификувана во приближно 40 земји.

Минатата недела, првиот медицински советник во Белата куќа, д-р Ентони Фаучи, во интервју за телевизијата Си-би-ес напомена дека официјалните здравствени лица „сакаат да бидат сигурни дека ми нема да стане подоминантна ковид-варијанта“.

Всушност, ние не знаеме какви би биле последиците. Загрижени сме дека би можело да ги има неколку – констелација од мутации што би укажувале на тоа дека оваа варијанта е способна да ја „избегне“ заштитата од одредени антитела – додаде Фаучи.

Исто така, официјалните лица од СЗО нагласија дека очекуваат ковид-19 да продолжи да мутира во земјите со невакцинирано население и „да се развива како пандемиските вируси на грип“.
Чинам дека овој вирус ќе остане со нас и ќе еволуира како оние на грипот, станувајќи само еден од вирусите што нè напаѓаат. Луѓето велеа дека ќе го елиминираме или искорениме овој вирус. Не, тоа е навистина малку веројатно – заклучува Рајан.

АНАЛИЗА И ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

Делта-сојот со потенцијал да ги удвои хоспитализациите

Најновото истражување на територијата на Велика Британија дојде до сознание дека високопреносливата делта-варијанта го удвојува ризикот од хоспитализација за оние што остануваат невакцинирани. Истражувањето, објавено во британското списание „Лансет“, користеше податоци од 8.700 пациенти заразени со варијантата делта и повеќе од 34.000 лица што во моментов се заразени со варијантата алфа.

Резултатите укажуваат дека пациентите инфицирани со делта се соочуваат со повеќе од двоен ризик од болнички прием, во споредба со пациентите заразени со алфа. Потребата од итна медицинска помош во комбинација со прием во болница исто така беше поизразена кај пациенти со делта-сој, кај кои беше почесто користењето итни медицински услуги и хоспитализација – се истакнува во студијата.

Во последниве неколку недели, најголем дел од новите случаи на коронавирус отпаѓаат на делта-сојот, кој научниците првпат го открија минатата есен во Индија. Според податоците од Американскиот центар за контрола и превенција од болести (ЦДЦ), овој сој веќе се прошири во над 150 земји и стана доминантен во САД, сој на кој отпаѓаат над 95 отсто од регистрираните случаи. И универзитетот „Џонс Хопкинс“ излезе со најнови податоци: моменталниот неделен просек за нови случаи на дневна основа сега изнесува 150.000 – значи, десетпати повеќе од бројките што беа утврдени пред само два месеца и за околу 21 отсто повеќе во споредба со ситуацијата од пред две недели.

Наоди од студијата на ЦДЦ

Британските наоди се врз основа на одделна студија, спроведена од страна на Американскиот центар за контрола на болести и превенција. Тие индицираат дека невакцинираните лица подлежат на речиси триесет пати поголема веројатност да бидат хоспитализирани поради коронавирус од оние вакцинираните.

Ваквите податоци за стапките на заразеност и хоспитализација укажуваат на тоа дека одобрените вакцини штитеа од инфекцијата со САРС-КоВ-2 и тешки форми на ковид-19 за време на периодот во кој трансмисијата на варијантата делта растеше. Напорите за зголемување на степенот на вакцинација против ковид-19, во координација со други превентивни стратегии, навистина се од клучно значење за превенција во однос на хоспитализација и смртност поради инфицираност со коронавирус – истакнаа научниците во студијата.

Вакцините се од помош

Во меѓувреме, главната советодавна група од ЦДЦ едногласно изгласа целосно одобрување за употреба на вакцините „Фајзер“ и „Бионтек“ кај Американците на возраст од 16 години и постари. Ова аминување дојде една недела по објавеното одобрение за истите вакцини од страна на Американската агенција за храна и лекови.

Според податоците собрани од центарот, 52 проценти од американското население се целосно вакцинирани, додека околу 62 проценти веќе ја имаат примено првата доза.

Истовремено, администрацијата на Џо Бајден најави дека е отворена кон можноста за зголемување на временската рамка од три месеци во која Американците би можеле да добијат и трета доза од вакцините против ковид-19. Здравствените власти планираат да овозможат аплицирање дополнителна „засилувач-доза“ осум месеци по примањето на првите две дози од вакцината против коронавирус.

ИСТРАЖУВАЊЕ НА „ВАШИНГТОН ПОСТ“

Заразените од коронавирус се удвоија во државите што повторно ги отворија угостителските објекти

Како што се приближува зимата, медицинските експерти стануваат сè позагрижени, бидејќи тоа би можело да значи дека помалку луѓе ќе јадат и пијат на отворен простор.

Според најновата анализа на „Вашингтон пост“, американските држави што дозволија повторно отворање на кафеаните и баровите за време на тековната пандемија, во тринеделниот просек забележале удвојување на случаите на коронавирус.

Студијата, која опфати податоци од следењето мобилни телефони и од извештаите за регистрирани случаи на ковид-19, дојде до заклучок дека постои „статистички значајна национална врска помеѓу посетеноста на објектите една недела по нивното повторно отворање и зголемениот број случаи на коронавирус три недели подоцна“.
Рестораните стануваат особено ризични. Секој што посетувал угостителски објекти, знае дека конверзацијата станува погласна, а луѓето се доближуваат едни до други – изјави Лари Линч, одговорен за прехранбена наука во Националната асоцијација на ресторани.

Ова истражување се спроведе неколку дена откако беше објавен извештајот на Американскиот центар за контрола и превенција на болести, во кој беше нагласено дека постои двојно поголема веројатност дека пациентите што се позитивни на тестот за ковид-19 посетиле некој ресторан две недели пред да бидат тестирани.
Покрај јадењето во ресторан, пациентите со коронавирус почесто пријавувале посета на барови и кафулиња, но само тогаш кога анализата беше ограничена на испитаници што пред почетокот на болеста немале близок контакт со лица за кои веќе се знае дека се инфицирани со ковид-19 – напишаа истражувачите.

Во студијата учествуваа над 300 возрасни лица што во јули покажале симптоми на вирусот и побарале да се тестираат во некој од единаесетте објекти определени за тоа низ територијата на десет американски држави. Од вкупниот број испитаници, 154 имале позитивен тест на ковид-19, додека 160 биле негативни и послужиле како контролна група.

Исто така, истражувачите излегоа со податок дека 71 отсто од инфицираните возрасни лица и 74 отсто од оние што имале негативен тест пријавиле дека секогаш користеле маска за лице или некаква прекривка на лицето додека се движеле на јавни места.

СТУДИЈА ОТКРИ ДЕКА СТАПКИТЕ НА ДЕПРЕСИЈА ТРОЈНО СЕ ЗГОЛЕМИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА

Лицата со помал приход се двојно поподложни да станат депресивни

Нова американска студија излезе со податок дека речиси 25 проценти од американските граѓани во моментов се соочуваат со симптоми поврзани со депресија – ова е приближно трипати повеќе од бројот на засегнати пред почетокот на глобалната пандемија на ковид-19. Медицинските експерти се согласуваат дека кога населението доживува нешто што претставува голема траума, како природни катастрофи или терористички напади, во неделите и месеците по настанот реално е да се очекува пораст на случаите со ментални заболувања.

Но, според Кетрин Етман, докторантка по јавно здравје на универзитетот „Браун“ и главна авторка на студијата што беше објавена во „Јама нетворк опен“, списание на Американската медицинска асоцијација, кога станува збор за пандемијата на ковид-19, зборуваме за едно сосема друго ниво.

Бевме изненадени од високите нивоа на депресија. Овие стапки беа повисоки од она што го имаме видено кај општата популација по други трауми од пошироки размери – како на пример, терористичкиот напад на 11 септември, ураганот Катрина и немирите во Хонгконг – изјави таа за Националното јавно радио.

Во американските национални истражувања што беа спроведени пред пандемијата на коронавирусот, девет проценти од испитаниците пријавиле депресивни симптоми. Според истражувачите, откако започна пандемијата, тој процент се искачи дури на 28 проценти.
Етман притоа истакна дека постојат многу различни фактори што се „виновни“ за зголеменото ниво на депресија, а кои може да вклучуваат „страв и анксиозност поврзани со коронавирусот, но и поради драматичните економски последици од него“.

– Излезе дека лицата со помал приход се двојно поподложни да станат депресивни. Покрај тоа, анализирајќи ги луѓето што беа во иста група во однос на приходи, утврдивме дека кај оние што имаа помали заштеди постоеше еден и пол пат поголема веројатност за развој на депресија – рече Етман.

Со оглед на несразмерниот товар врз индивидуите со помали финансиски средства, Етман нагласи дека постои поголема потреба од плати што се доволни за егзистенција, пристојни живеалишта и од здравствено осигурување.

Пред пандемијата, голем број луѓе со депресија и анксиозност не го добиваа потребниот третман во рамките на здравствениот систем. Според Националната алијанса за ментални болести, само помалку од една третина од лицата на кои им требаат институциите за грижа за менталното здравје ги добиле услугите од кои имале потреба.

Згора на тоа, стапките на самоубиства во САД имаа нагорен тренд и пред ковид-19, па медицинските експерти сега се загрижени дека пандемијата има потенцијал уште повеќе да ги зголеми бројките.
Во предавањето објавено заедно со една претходна студија, која ги истражуваше врските помеѓу финансиското напрегање и стапките на самоубиства, Етман изрази тврдење дека актуелнава пандемија „претставува еден уникатен збир од опасни изложености на ризик кај населението, што би можело да резултира со пораст во бројот на самоубиства“.

Според последните податоци од универзитетот „Џонс Хопкинс“, во светот има повеќе од 26,1 милиони потврдени случаи на ковид-19 и најмалку 864.000 смртни случаи што се директно поврзани со оваа болест.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This