дома Македонија ЕКСПЕРТИТЕ ЕДНОГЛАСНИ: Сите овие вработувања да се поништат!

ЕКСПЕРТИТЕ ЕДНОГЛАСНИ: Сите овие вработувања да се поништат!

Вработувањето на децата и блиските роднини на пратениците и функционерите од власта на атрактивни работни места во државните инстутиции за и повеќе од примамливи плати, а преку можеби не баш најтранспарентни огласи, според експертската јавност е спротивно на правилата за конкурентност и натпревар при вработување.

Тука треба да се оди по принципот на меритократија. Значи сите оние правила кои што се предвидуваат за вработување и апсолутно да почитуваат. Сите овие вработувања да се поништат, ако се докаже дека се спроведени надвор од соодветни со закон предвидени постапки, изјави Слаѓана Тасева за Алфа ТВ.

За роднините на функционерите од власта се чини најатрактивна опција за вработување е ЕЛЕМ, таму се вдоми Хидајете Алили, сестра на министерот за култура, Асаф Адеми. Својата плата од таму ја добива и Бесиана Џафери, ќерката на собранискиот спикер Талат Џафери, а тука е и Димитар Грчев, син на советникот во Министерството за култура, Мирослав Грчев. Нивни колега од неодамна е и Горан Стојчевски, син на пратеничката Мира Стојчевска, кој според неговата мајка без нејзино знаење аплицирал за работното место. А семејните вработувања кај Стојчевкс не завршуваат со синот, во РЕК Битола се вработил и нејзиниот брат.

Претседателката на „Транспаренси интернешнл- Македонија“, вели дека поради непотизам порано паѓале оставки од функционери.

Ние и порано сме имале случаи на непотизам и вработување на лица блиски до носители на функции и сме имале случаи кога тоа било проверено и дури функционерите морале да поднесат оставки, изјави Тасева.

Не помалку атрактивно од ЕЛЕМ е и МЕПСО, таму се скраси синот Владо Бучковски и ќерката на поранешниот градончалник на Гостивар, Невзат Бејта. Од неодамна нивна колешка е и Влора Бектеши, сестра на министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој вели дека не можел да влијае на нејзиното вработување, според Тасева ваковото тврдење треба да се земе со резерва.

Тие се носители на функции и секогаш имаат можност да влијаат. Нивниот став дека не влијаеле не треба да биде земен здраво за готово, туку тоа треба да се провери, изјави Тасева.

Освен експертската јавност, незадоволство од видливиот непотизам изразуваат и граѓаните.А

Не само ЕЛЕМ и МЕПСО, функционери своите блиски си ги вработуваат за примамливи плати и во други државни институции. Само неколку месеци по своето дипломирање, Кристијан Мисоски, синот на пратеникот Горан Мисоски, стана стручен соработник во Агенцијата за супервизија на осигурување, каде ќе добива 33.000 денари месечно.

Во Фондот за иновации пак се скраси Сара Александрова, ќерката на пратеничката Емилија Александрова која беше исклучена од ВМРО-ДПМНЕ откако гласаше за уставните измени. А веќе еден месец во МВР работи и сопругата на Зеќир Рамчиловиќ, уште еден од опозициските пратеници кои гласаа за промена на името

Дали има непотизам или судир на интереси при овие вработување пак треба да испитува новиот член на Антикорупциска, Нури Бајрами, инаку баџанак на Талат Џафери.