дома Сцена ЕМОТИВНА ПОСВЕТА ЗА ЌЕРКАТА МАРИЈА: Благица Калева победи на „Фолк фест Валандово“

ЕМОТИВНА ПОСВЕТА ЗА ЌЕРКАТА МАРИЈА: Благица Калева победи на „Фолк фест Валандово“

Таа е мојата светлина во животот. За неа живеам и се борам. Редно беше и нејзе да ѝ посветам песна од мојата ризница. Ова е уште една чувствителна нумера поврзана со мојот живот, изјави познатата пејачка која пред 15 години во сообраќајна несреќа ги изгуби ќерката Викторија и сопругот Костадин

„Горда мајка“ е рефренот со кој Благица Калева победи на 33-то издание на фестивалот „Фолк фест Валандово“. Познатата пејачка која пред 15 години во сообраќајна несреќа ги изгуби ќерката Викторија и сопругот Костадин со уште една емотивна балада инспирирана од нејзиниот живот ги освои симпатиите на публиката. Овојпат, со песна посветена на ќерката Марија.

– Вечерва имам голема одговорност, бидејќи пеам толку емотивна нумера што нема ниту јас, ниту тие што ќе ја слушнат да останат рамнодушни. Пеам за мојата ќерка. Таа е мојот живот, мојата светлина во животот. За неа живеам и се борам. Редно беше и нејзе да ѝ посветам песна од мојата ризница. Ова е уште една чувствителна композиција поврзана со мојот живот – изјави Калева пред настапот.

Автори на победничкиот рефрен се популарниот фолк-интерпретатор Горан Тодоровски, Дејан Миленковски и Ице Беличев кои заедно со Благица ќе ја поделат премијата од 1.500 евра.

Младиот пејач Филип Божиновски кој синоќа првпат се натпреваруваше на фолк-фестивал го освои второто место (1.000 евра) и наградата за најдобар дебитант (500 евра). Интересен е и моментот што композицијата со која се претстави е дело на Јован Јованов и Елвир Мекиќ, познат авторски тандем од македонската поп-сцена.  Третопласиран е докажаниот интерпретатор Благоја Грујовски. Во негово име наградата и чекот од 750 евра го подигна авторот на рефренот, Григор Копров. Со парична награда (500 евра) од Валандово си замина и Мартин Вучиќ кој беше прогласен за најдобар аранжер. Идентична сума ќе им биде исплатена и на Орце Зафировски (најдобар текстописец) и на Мерима Његомир (најдобра интерпретација).

Новото раководство на фестивалот одлучи годинава да го намали наградниот фонд, но и да го промени начинот на гласање. За најдобрите одлучуваа седумчлено жири (60 отсто) и публиката во салата (40 отсто). Телефонско гласање немаше.