дома Балкан ЕПИДЕМИЈА ВО ГРЦИЈА: Вирусот Западен Нил во Грција досега одзеде 16 животи

ЕПИДЕМИЈА ВО ГРЦИЈА: Вирусот Западен Нил во Грција досега одзеде 16 животи

Центарот за контрола и превенција на инфективни болести (KEELPNO) на Грција им порача на грчките граѓани доколку забележат дека имаат висока температура, дијареа и голем замор, веднаш да се јават во здравствените центри.

Од почетокот на летото досега во Грција од вирусот Западен Нил животот го загубија 16 лица, јавува Агенцијата Анадолу.

Данаи Перваниду, претставник од Центарот за контрола и превенција на инфективни болести (KEELPNO) на Грција, соопшти дека изминатата недела починале петте лица кои биле болни од вирусот Западен Нил. По овие смртни случаи, бројот на починати во Грција од оваа болест се искачи на 16, додека бројот на заболени изнесува 133 лица.

Перваниду рече дека заразната болест сѐ уште е во фаза на ширење.

Перваниду информираше дека случаи на заразната болест Западен Нил претежно се забележани во голем дел на општините во подрачјата на Атика и Централна Грција. Таа им порача на грчките граѓани доколку забележат дека имаат висока температура, дијареа и голем замор, веднаш да се јават во здравствените центри.

Претседателот на KEELPNO, Теофилос Розенберг, во своето обраќање посочи дека од големо значење е уделот на граѓаните во борбата против вирусот Западен Нил, и упати барање да се уништат и исушат леглата на комарците кои се причина за ширење на болеста.

За првпат вирусот Западен Нил во Грција е забележан летото 2010 година, кога беше причина за смрт на 37 лица.