дома Европа ЕРДОГАН: „НИКОЈ ВЕЌЕ НЕМА ДА Ѝ СЕ ЗАКАНУВА НА ТУРЦИЈА“-Европа е „фашистичка...

ЕРДОГАН: „НИКОЈ ВЕЌЕ НЕМА ДА Ѝ СЕ ЗАКАНУВА НА ТУРЦИЈА“-Европа е „фашистичка и сурова“

Претседателот на Турција рече дека никој веќе не може да ѝ се заканува на Турција со процесот за членство во ЕУ.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја опиша Европа како „фашистичка и сурова“ и рече дека ова сега личи на ерата пред Првата светска војна со спорот околу забраната на неколку турски собири.

Ердоган рече дека Турција може да ги преиспита своите врски со Европа по референдумот во април, за кој се надева дека ќе му даде нови моќни овластувања.

Ердоган рече дека никој веќе нема да ѝ се заканува на Турција со процесот на членство во Европската Унија и додаде дека, од сега па натаму, таа нема да му дозволи на ниту еден Европеец на турска територија да врши „шпионирања“ под различни изговори.

Тој рече и дека на Турција повеќе не може да ѝ се врши притисок како тој за договорот од 6 милијарди долари, според кој Турција се согласи да ги спречи нелегалните мигранти да преминуваат во Грција во замена за финансиска помош и забрзување на преговорите за членство во ЕУ.

Германската канцеларка Ангела Меркел побара од Турција да престане да ги споредува забраните со нацистичките тактики.

„Останува моето барање Турција да престане со нацистичките споредби, без ‘ако’ и ‘ама’“, рече Меркел на Саемот на технологија во Хановер во текот на викендот.

„За жал, забележуваме дека овие споредби не престанаа, а ние нема да го толерираме тоа што се прекршуваат сите табуа.“

Контроверзноста се продлабочи минатата недела, кога турски провладин весник ја прикажа Меркел како Адолф Хитлер на својата насловна страница, нарекувајќи ја „госпоѓа Хитлер“.

Десничарскиот таблоид ја обвини германската канцеларка дека се обидува да поведе фашистичко движење против Турција.

Тоа се случи неколку дена откако најпродаваниот весник во Германија Билд го нападна Ердоган за загрозување на стабилноста на Европа преку својата „страст за власт“.

„Билд в лице му ја кажува вистината на Ердоган – ти не си демократ! Ти ѝ штетиш на твојата земја! Не си добредојден тука!“, напиша германскиот весник.

Турските хакери исто така ширеа нацистички обвинувања преку угледни твитер-профили, објавувајќи про-Ердоган пораки од профилите на Амнести интернешнел, Би-би-си Северна Америка и на Форбс.

Ердоган, исто така, вети дека по референдумот „без двоумење“ ќе ја врати смртната казна и ја обвини Европа дека почнува „судир“ меѓу христијанството и исламот, по пресудата дека работодавците можат да им забрануваат шамии на вработените, како дел од пошироката забрана на верски и политички симболи.

Еврокомесарот Јоханес Хан за Билд рече дека изгледите на Турција за влегување во ЕУ ќе бидат „сè понереални“ освен ако таа не го смени курсот и не престане да се оддалечува од европските вредности.

Хан изјави дека ЕУ во неколку наврати ја изразила својата загриженост во врска со „сè поавторитарниот пат на претседателот Ердоган“.

„Заканите не се начин за водење политика“, рече тој. „Тие го прават невозможен разумниот дијалог.“