March 28, 2024, 12:32 pm

Заев напиша автоpски текст за српска „Политика“: EУ наутро се проширува, а навечер се затвopa

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Српска Политика објави авторски текст на премиерот Зоран Заев, посветен на „Отворен Балкан”, соопштија д Владата.

Во породолжение авторскиот текст на Заев.

Зошто на Економскиот форум во Скопје на 29 јули реков дека започнува нова ера на соработката во регионот?

„Отворен Балкан“ е спротивно на се’ она што до сега е синоним или стереотип за Балканот.

Политичките лидерства на Србија, Северна Македонија и Албанија седнаа и во пријателска атмосфера, без ниту најмало оптеретување која земја е поголема, која земја е подемократска, која има повеќе историја, која има повеќе право на било што, седнаа на маса, најотворено разговараа и се договорија дека стереотипите создадени во минатото не се правило и не се судбина.

Наместо судбина, ние избравме иднина. Наместо некни – денес и утре.

Ние велиме дека ја земаме судбината во свои раце и отвораме нови перспективи за нашите држави, нашите народи, нашите економии и нашите општества.

Нашите народи, македонскиот народ, албанскиот народ и српскиот народ, и сите други народи што живеат во државите од овој наш Балкан, пред себе имаат ист пат. Имаме иста визија и вредности – тоа се европските вредности, а не политики на ѕидови и поделби. Градиме мостови, не ѕидови.

„Отворен Балкан“ е израз на силната политичка волја на Северна Македонија, Србија и Албанија и иницијатива од највисок јавен интерес.

Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Очекуваме многу скоро бенефитите да се осетат во домашниот буџет на милиони семејства, во квалитетот на живот на милиони граѓани.

И ова е само почеток. Почеток на нешто наше, автентично, за нас трите земји, јасен трасиран европски пат, отворен за сите други кои мислат добро за својот народ – ние градиме отворен пат, отворени граници, отворена економија – Отворен Балкан!

Ова што денес го градиме е европско и никако поинаку, затоа што во себе, во своите темели ги содржи четирите слободи на Европската Унија – Слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги.

Отворен Балкан е демонстрација на прогрес, наш чекор напред кон кој сме упатени следејќи ја мнозинската волја на нашите народи. Нема веќе чекање и нема отфрлање. Сечиjа поддршка е добредојдена на овој наш заеднички европски пат, а најмногу е добредојдена поддршката од Европската Унија, како наш природен, очекуван и долго повикуван партнер. Ние сме тука, ние сме Европа, а „Отворен Балкан“ не е алтернатива на ЕУ туку испорака на она што треба да го испорача и самата ЕУ. “Отворен Балкан” е комплементарен, а не спротиставен на ЕУ. “Отворен Балкан” е засилувач на нашата европска агенда, при што сите три земји остануваат посветени на своите агенди и обврски за пристапување во членство во ЕУ.

Но, се согласивме дека Албанија, Србија и Северна Македонија нема да ја запрат својата интеграција поради конфузните сигнали кои ги праќа Брисел по однос на проширувањето за кое до вчера уверуваа дека е стратешко за Унијата. И додека Унијата наутро се проширува, а навечер се затвора, нашиот пат е дење-ноќе отворен, европски, без дилеми посветен на соработка, на пријателство, на солидарност, на повеќе слобода и на подобар живот за секој еден граѓанин од нашиот регион.
Ете поради овие европски вредности и високи цели, ние од трите земји се договоривме дека во интерес на нашите граѓани не смееме веќе да чекаме ЕУ да постигнува консензус. Сегашноста и утрешнината во овој дигитален 21 век не можат веќе да чекаат.

Ако земјите членки можеа да ја создадат ЕУ, зошто ние не би можеле да го создадеме „Отворен Балкан“. Моделот го имаме и фала богу учиме и од сопствените грешките во минатото, но и од грешките на ЕУ.

Единствениот начин како можеме да го подобриме животот во регионот е да го донесеме тоа што го имаат граѓаните во Германија, во една Франција, во една Австрија, Италија, овде во регионот. А сите знаеме дека овие наши пријателски земји ќе ни помогнат во тој трансфер на искуства, знаења и стандарди.

И еве што практично значат четирите слободи поради кои го издигнавме „Отворен Балкан“ како база за единствениот регионален пазар:

01. Да обезбедиме слободно движење на стоки, преку услужна инфраструктура на граничните премини, со 24-часовно работно време на сите гранични служби и со проширување на зелените коридори меѓу нашите земји и кон ЕУ;

Тоа значи 0 минути чекање на границите и кога камионот ќе тргне од било која дестинација од регионот за да стигне во било кој град од Албанија, Србија или Северна Македонија нема да треба да запре на ниту една граница. Само така ќе се движиме побрзо, напред;

02. Да ги подготвиме сите мерки за слободно движење на услуги, преку взаемно признавање на професионалните квалификации, воведување систем без дозволи за интер-компаниски трансфери во рамките на оторениот Балкан, меѓусебно признавање електронски потписи и други доверливи услуги;

03. Да го прошириме слободното движење на луѓето, преку овозможување мобилност на младите, истражувачите, меѓусебно признавање на компетенциите и работните дозволи и преку проширување на туристичките понуди и бенефиции во регионот;
Ова е начин да го запреме иселувањето на младите и да останат во регионот или дома на работни места во компании кои го препознаваат потенцијалот што го носи пазарот од 18 милиони граѓани.

04. За слободното движење на капиталот, работиме на системот за споделување информации во врска со ДДВ-то, конзистентен со системите што се користат во ЕУ – со цел товарните возила да не сопираат на границите во регионот.

Почитувани, денес „Отворен Балкан“ се издига и на уште една цивилизациска вредност. Овие денови, додека Северна Македонија е погодена од огнена стихија, солидарноста на Србија и српскиот народ уште еднаш се потврдија. Овој пат со четири хеликоптери на дело се спроведува Договорот за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан, еден од документите потпишани во Скопје.

Од огромно значење е и поддршката што за поврзувањето преку „Отворен Балкан“ ја добиваме од стопанските комори и од бизнисите од Западен Балкан и од повеќе земји од Европа и светот.

Претставниците на повеќе од 400 компании присутни на Форумот во Скопје се капиталот на оваа иницијатива. Нивните предлози и иницијативи кои дојдоа во еден глас сведочат дека „Отворен Балкан“ е платформата која му е потребна на регионот.

Проектите што носат регионална корист ќе добијат посебно внимание. Ќе ги поканиме нашите колеги од целиот регион и меѓународните инвеститори и донатори да работат со нас, со цел овие проекти да придонесат кон создавањето работни места и развој низ целиот регион, особено во контекст на Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан и зелените и дигитални транзиции на Европа.

Нашите земји имаат огромен потенцијал за одржлив раст и развој. Нашиот регион е извор на обновлива енергија за нашите граѓани и за зелената енергетска иднина на ЕУ.
Иницијативата има цел да направиме се’ што е неопходно да бидат препознаени ресурсите на нашиот регион за зелената транзиција во Европа. Имаме многу сончеви денови во текот на годината во овој наш “Отворен Балкан” и уверен сум дека со заедничка инвестиција во фотоволтаици, можеме овие сончеви денови да ги претвориме во огромен енергетски ресурс кој ќе носи повеќе пари, почиста животна средина и подобар живот за нашите граѓани. А, не е само сонцето наша предност како регион. Имаме плодни почви, убави планини, води во изобилства, реки, езера, мориња. И најважно, имаме вредни, работливи и вешти луѓе кои можат да создадат многу. Три народи заедно можат многу повеќе отколку еден народ.

Погледнете ги перспективите – заедно можеме многу повеќе, а нашите народи и умеат, и сакаат и бараат да се здружиме за подобро денес и подобро утре. Ете тоа е мојата порака до лидерствата во Косово, БиХ и Црна Гора, колку порано ги видиме овие заеднички перспективи, толку подобро за нашите народи.
Иницијативата е отворена и подава рака за сите земји од Западен Балкан и јасно повикуваме “Приклучете се, заради нашите народи”.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This