дома Македонија Заев се откажа во целост од Македонците, сега промовира некаков си мултиетнички...

Заев се откажа во целост од Македонците, сега промовира некаков си мултиетнички народ

Дали екс-премиерот и лидер на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, конечно отворено признава дека го напушта концептот „Едно општество за сите“, што му беше еден од лајт-мотивите во кампањата на минатите парламентарни избори? Ова прашање се наметнува по неговото последно интервју за државната МИА во кое отиде чекор подалеку, прекршувајќи го дури и Уставот, промовирајќи нов мултиетнички македонски народ.

Прашањето не е воопшто наивно, дотолку повеќе што одново задира директно во македонскиот идентитет и поставува темели на вештачка политичка македонска нација, кои, пак, се многу блиску или речиси идентични со Македонскиот, читај бугарски концепт. А, нивните директни репрезенти меѓусебно не го признаваат ни едниот, ни другиот и ги оценуваат како промашени концепти.

Екс-премиерот Заев нво интервјуто, меѓу другото, се фали дека сме станале пријатели со петте соседи, дека целиот демократски свет ни е пријател и оти половината од нив веќе ја посетија Македонија за, како што вели, „да го охрабрат овој мултиетнички народ дека е на вистинскиот пат и дека така треба да продолжи“.

-Македонскиот народ во Република Северна Македонија е народот на Република Северна Македонија. Тоа е мултиетнички. Составен е од Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Бошњаци, Срби и сите останати што живеат во неа. Затоа фразата „мултиетнички народ на Македонија, односно на Република Северна Македонија“ е изразот што го користиме. Јас намерно го користам, зашто верувам дека сме мултиетничка земја со мултиетнички народ, а сепак сите сме македонски народ, припадници на Република Северна Македонија, објасни Заев.

Во сите политички теории не постои мултиетнички народ, туку мултиетничко општество. И идејниот творец на концептот „едно општество за сите“, проф. Петар Атанасов, во својата колумна за МКД.мк од 2 овој месец, насловена како „Етнички контроверзии на кампањата“, никаде не користи мултиетнички народ.

Атанасов во текстот потсетува дека државата ја има усвоено Националната стратегија за развој на концептот за едно општество за сите и интеркултурализам и оти тој претставува еден од најсуштинските документи, што Владата го има во „свои раце“.

-Концептот за „едно општество“ во својата базична поставеност бара оваа држава да најде начин на Албанците и на сите што се во Преамбулата (да и на Египќаните), но пред сѐ на Албанците како втор голем популус во општеството, ДА ИМ ГО ПОНУДИ СЕТО ОНА ШТО ГО ИМААТ МАКЕДОНЦИТЕ – ИСТИ ЖИВОТНИ МОЖНОСТИ, ИСТО КВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ, ИСТО КВАЛИТЕТНО ЗДРАВСТВО, ИСТ ЖИВОТЕН СТАНДАРД, ИСТИ МОЖНОСТИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И СЕТО ОНА ШТО ЗНАЧИ ЗАЕДНИЧКА ДЕФИНИЦИЈА ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ, пишува проф. Атанасов.
Но, најиндикативна е оценката на Атанасов дека во овој важен момент Владата или не го промовира доволно или не знае како да го употреби.

Ако се следи логиката на Зоран Заев тогаш поблиску е ова второто. Зашто, ниту разбира, ниту може да разбере, ниту, пак, знае во што се впушта со фразата за мултиетнички народ.

По деноминацијата на Македонците како етнос и народ со потпишувањето на Преспанскиот договор, основното прашање што Заев треба да си го постави самиот пред себе е дали некогаш слушнал или дали некогаш ќе слушне од било кој Албанец во Македонија дека тој како единка или граѓанин на Република Македонија е припадник на мултиетнички македонски народ? Еве, не мора да биде Албанец, може да биде било кој друг припадник на етничките заедници наведени во Преамбулата на Уставот. Кога ќе го слушне тоа, тогаш ќе може да проповеда вакви, најблаго речено, помрачени идеи во кои во центарот на вниманието повторно е политички инженеринг каде единствени жртви ќе бидат Македонците. И тоа малку што останало од нив.