дома КОВИД-19 (Коронавирус) Започна вакцинацијата на наставниците од општина Карпош

Започна вакцинацијата на наставниците од општина Карпош

Од Општина Карпош соопштија дека денеска започнала имунизацијата на наставниот кадар од основните училишта во општина Карпош.

– Во претстојните осум денови, ќе се врши вакцинација на наставниците кои одржуваат настава со физичко присуство, имајќи предвид дека се во постојан контакт со децата од I до III одделение, додадоа од Општината.

Од Општина Карпош истакнаа дека интересот за вакцинација на просветните работници од сите 10 основни училишта во Карпош е голем, бидејќи преку нејзина примена се очекува враќање на образовниот процес во нормален тек.

Александра Петковска, Елена Масторидис и Ирена Грегориќ се меѓу првите наставнички кои попладнево примија вакцина во вакциналниот пункт во А1 Арената – С.Ц. „Борис Трајковски“.

– На овој начин, силно верувам дека ќе почне образованието да се враќа во нормала. Спроведуваме настава во исклучителни услови, а и учениците навистина се наша голема поддршка и ни држат „лекција“ за трпение, одговорност и посветеност, рече Александра Петковска од ООУ „Петар Поп Арсов.

Наставничките Масторидис и Грегориќ ја посочија и добрата организација на целиот процес за имунизација и љубезноста на волонтерите и здравствените работници.

Сите се согласни дека единствено со имунизација на населението, ќе успееме да го вратиме повторно детскиот џагор по училишните ходници, а знаењето и смеата повторно да бидат присутни на часовите.