За првпат пoлициja ќe гo oбeзбeдyвa дoвepливиoт избиpaчки мaтepиjaл – ДИК интeнзивнo ce пoдгoтвyвa зa лoкaлнитe избopи

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Државната изборна комисија интензивно се подготвува за локалните избори. Двесте терминали за вчитување на отпечатоци од прсти денеска ќе бидат испратени од компанијата „Дермалог“ од Германија во Скопје, а откако ќе поминат сите царински формалности, најверојатно, во понеделник апаратите ќе бидат во канцелариите на Државната изборна комисија (ДИК), каде треба да биде извршено нивно примопредавање, изјави вчера за МИА претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Откако терминалите ќе пристигнат во земјата, инжинери пратени од „Дермалог“ ќе извршат обука за ракување со нив, а потоа таа обука ќе биде вметната и во планот за едукација на ДИК.

Даштевски е дециден дека се ќе биде подготвено за локалните избори закажани за 17 октомври бидејќи има два месеци до изборите.

На локалните избори во земјата првпат гласачите ќе се идентификуваат со вчитување на отпечаток од прст. За набавка на терминалите, како и целокупниот систем и нивното одржување за следните четири циклуси е потпишан договор со германската компанија „Дермалог“.

До први октомври во земјата сукцесивно треба да пристигнат нарачаните 4000 терминали за изборите.

Полициски службеници на овие избори првпат ќе го обезбедуваат доверливиот материјал, меѓу којшто ќе бидат и апаратите за вчитување на отисоците од прсти на гласачите. ДИК на седница усвои Правилник за начинот на постапување на полицијата на изборите што е изготвен во соработка со МВР.

-Новина на овие избори во овој Правилник е што се воведува задолжително обезбедување при транспортот на избирачкиот материјал од страна на полицијата од ОИК до Избирачките одбори и обратно. Се работи, пред се, за доверливиот материјал гласачките ливчиња и Избирачкиот список, но овој пат за првпат и со измените на законот и техничката опрема за гласање за идентификација на гласачите при гласање преку отпечаток од прст. Тоа значи дека целокупниот доверлив изборен материјал се регулира да биде задолжително обезбдувањето, чувањето и транспортот од страна на полицијата, објасни членот на ДИК Борис Кондарко.

Исто така, како што кажа, во прилог на овој Правилник се донесува и образец за повикување на полициија што ќе им се достави на избрачките одбори. ДИК на секои избори па и на овие ќе соработува со Централниот изборен штаб на МВР за изборите.

На овие избори болните и немоќни лица нема да бидат проверувани со терминалите за отпечатоци од прсти туку дека тие ќе гласаат како и досега со УВ ламба и спреј. ДИК усвои упатство за начинот на гласање на овие лица и условите што се потребни да ги исполнат за да можат да гласаат на ден пред изборите и во своите домови. Барањето и медицинските документи тие треба да ги достават до подрачните единици и канцеларии на ДИК или преку полномошник и по електронски пат.

Партиите веќе објавувија дел од кандидатите за градоначалници и носители на советничките листи.

Владејачката СДСМ доцна синоќа на Извршен одбор утврди уште неколку кандидати, чии имиња ќе бидат соопштени во текот на денот. Претходно, партијата веќе објави имиња на 35 кандидати за градоначалници.

ВМРО-ДПМНЕ досега објави 45 кандидати, а се очекува нови имиња да соопшти во почетокот на наредната недела.

И партиите од албанскиот блок – ДУИ, Алијанса на Албанците/Алтернатива и БЕСА најавија неколкумина свои кандидати со кои ќе излезат на локалните избори.

Според информациите на ДИК до 23 август потписи за кандидирање на локалните избори собрале независни кандидати од неколку општини, а потписи се собрани и за советнички листи. Собирањето потписи во подрачните единици и канцеларии на ДИК и пред овластени нотари продолжува до 30 август на полноќ. Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК работат секој ден од 8 до 20 часот. На 27, 28 и 29 август ќе работат до 21 часот, а на 30 август до 24 часот. Собирањето на потписи трае заклучно со 30 август.

Во меѓувреме тече и рокот за увид во Избирачкиот список, кога граѓаните во подарчните единици на ДИК или преку апликацијата на нивната веб страна можат да ги проверат своите податоци, а потоа доколку има неправилности и да достават барања за нивно корегирање или впишување. Увидот во Избирачкиот список завршува на 9 септември.

Иборната кампања за првиот круг започнува на 27 септември на полноќ и завршува на 15 октомври на полноќ.

Изборите, што повторно ќе се одржат со протоколи за заштита од ширење на Ковид-19, се закажани за 17 октомври. Вториот круг од изборите треба да се одржи 30 октомври.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This