дома Локално ЗА ПРВ ПАТ СКОПЈЕ БЕЗ ПРОБЛЕМИ ПО ПРВИОТ СНЕГ: Град Скопје успешно...

ЗА ПРВ ПАТ СКОПЈЕ БЕЗ ПРОБЛЕМИ ПО ПРВИОТ СНЕГ: Град Скопје успешно се справи со налетот на првиот снег!

Дваесет и четири возила на зимската служба во текот на ноќта и утрово фрлиле околу 165 тони сол на улиците и булеварите кои се под надлежност на Град Скопје, информираше денес градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски кој денес го посети пунктот на ЈП „Улици и патишта“.

 

 

-Сметам дека успешно се справивме со првиот налет на снег кој дојде во Скопје. Добро е што температурите не паднаа многу ниско, сите булевари се исчистени и проодни. ЈП „Комунална хигиена“ работи со 116 луѓе на чистење снег од тротоарите, ЈП „Паркови и зеленило“ работи со 70 луѓе исто така на чистење на снегот на тротоарите и на некои од патеките во парковите, ЈП „Водовод и канализација“ со 70 луѓе ги расчистува сливниците за од топењето на снегот да бидат исчистени и водата да се прифаќа во нив. ЈП „Градски паркинг“ ги чисти паркинзите и е подготвена да реагира каде ќе биде потребно, истакна Трајановски.

Припадниците на МВР кои присуствувале утрово на состанокот на штабот за заштита и спасување на Градот Скопје се грижат да нема голем застој на улиците, со цел возилата на зимската служба да може непречено да се движат и да ги расчистуваат сообраќајниците. Автобуските постројки, пак, ги чистат од Јавното сообраќајно претпријатие.

Трајановски упати апел до сите општини во Градот Скопје да ги исчистат локалните улици кои се под нивна надлежност за да може ЈП „Комунална хигиена“ да го собира сметот.

Градоначалникот додаде и дека се поделени известувања до сите правни субјекти да ги исчистат пристапните патеки до нивните објекти, а истото важи и за колективните згради. Се апелира до сите граѓани кои живеат во индивидуалните домови да ги исчистат пристапните патеки и до нивните домови, бидејќи се најавуваат нови снежни врнежи.

-Сите ресури се во мобилна состојба. Ќе се работи втора и трета смена. Во координација сме со УХМР, се следи состојбата и соодветно на тоа ќе реагира зимската служба на Град Скопје, потенцираше Трајановски.