дома Македонија ИВАНОВ ГО ОДЛИКУВАШЕ ИЗВРШНИОТ ДИРЕКТОР НА ТАВ АЕРОДРОМИ: „Медал за заслуги за...

ИВАНОВ ГО ОДЛИКУВАШЕ ИЗВРШНИОТ ДИРЕКТОР НА ТАВ АЕРОДРОМИ: „Медал за заслуги за Македонија“ за Мустафа Сани Шенер

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска со „Медал за заслуги за Македонија“ го одликуваше Мустафа Сани Шенер, главен извршен директор и претседател на бордот на директори на „ТАВ аеродроми“.

Како што соопшти кабинетот на претседателот Иванов, Медалот за заслуги му се доделува на Шенер за исклучителната посветеност и ангажираност во своето работење и дејствување со што даде значаен придонес за развојот на македонската економија, како и за афирмација на Република Македонија во светот и унапредување на пријателските односи и соработката со Република Турција.

Претседателот Иванов посочил дека благодарение на компанијата „ТАВ“ и Шенер, кој во екот на светската економска криза имаше храброст да инвестира во Република Македонија, скопскиот аеродром прерасна во регионален аеродром преку привлекувањето на повеќе патници, не само од нашата држава, туку и од соседните земји.

-За да стигнат до многу светски дестинации, нашите граѓани мораа да полетуваат од соседните држави. Ваквата состојба се одрази и на инвестициската клима. Колку повеќе промени на летови за да се стигне до државата, толку е помала веројатноста на потенцијалните инвеститори да инвестираат во таа држава. И многу од тие нешта се сменија на 8 септември 2011 година. На денот кога Република Македонија ја празнуваше 20-годишнината од независноста, турската компанија „ТАВ“ го отвори меѓународниот аеродром во Скопје. Заедно со Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, скопскиот аеродром стана наша воздушна порта со Република Турција, со Европа и светот,истакнал македонскиот претседател.

Шенер се заблагодарил за доделеното признание, додавајќи дека овој пример на странска инвестиција ги отвори вратите за можности за други инвеститори во Република Македонија.

-Добрите односи меѓу Турција и Македонија се навистина за восхит. Особено по нашата инвестиција, многу турски компании дојдоа и инвестираа во Македонија. Ова не прави толку многу среќни. Се чувствувам многу привилегиран и почестен што стојам тука пред вас и ја примам оваа награда, истакнал извршниот директор и претседател на бордот на директори на „ТАВ Аеродроми“.

Компанијата „ТАВ Аеродроми“ почна да управува со аеродромите во Скопје и во Охрид во 2010 година. Бројот на патници од 600.000 годишно во 2010 година, достигна 2.3 милиони патници годишно, додека бројот на директни летови до странски дестинации од 15 се искачи на 38. Скопскиот аеродром три години по ред добива награда за најдобар аеродром со најдобри услуги во категорија на аеродроми до два милиона патници на годишно ниво и е избран меѓу 10-те најдобри аеродроми во Европа од страна на престижните Скајтракс награди.