дома Актуелно ИВАНОВ НЕ СМЕЕ ДА ГО ДОДЕЛИ МАНДАТОТ: Народот бара од Иванов да...

ИВАНОВ НЕ СМЕЕ ДА ГО ДОДЕЛИ МАНДАТОТ: Народот бара од Иванов да ја отфрли платформата потпишана во Тирана и да ја одбрани земјата!

– Мирен граѓански марш во организација на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ вечерва се одржа во Скопје против промена на Уставот и заштита на името и суштината на државата. Маршот започна од пред Владата на Република Македонија, продолжи кон канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов и заврши пред Собранието на РМ каде беше прочитан проглас.

Во прогласот на иницијативата „За заедничка Македонија“ од четири точки што го прочита Коле Манев се бара да се отфрли платформата која е донесена во друга држава, а партиите да не усвојуваат владини програми кои не се излезени и изгласани од народот. Од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се бара да не се гласа законот за двојазичност во Македонија, а од претседателот Ѓорге Иванов да го почитува Уставот при доделувањето мандат за фомирање влада.

Во своето обраќање Борис Дамовски од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ посочи дека сите Македонци, Албанци, Власи, Срби, Турци и други вечерва и вчера покажале што е граѓански собир.

– Овде постојат само две бои црвена и жолта. Бараме ние, жителите на оваа држава, да се доведе оваа земја во ред, било по кои избори без разлика кој за кого гласал да биде на власт, да се почитуваат демократските избори и резултати, да нема математики. Да живее Македонија, жолто црвена, Македонија на која никој нема по втор пат да и го смени знамето, истакна Дамовски.

Елена Мисиркова, пак, рече дека ќе направат се што е во нивна моќ државата да остане унитарна.

– Да го спречиме разнебитувањето на Македонија, да направиме се што е во наша моќ државата да остане унитарна и наша, за да живееме тука и понатаму слободно. Мојот славен предок уште пред 100 години не обврза да го сочуваме она што нашите предци со пролеана крв и по мачен пат го стекнаа, нагласи Мисиркова и додаде дека постулатите од прогласот се упатени до секој граѓанин.

Актерот Ванчо Петрушевски побара раководството и цело ВМРО- ДПМНЕ да се приклучи на иницијативата „За заедничка Македонија“.

– Го повикуваме раководството на ВМРО-ДПМНЕ да излезе и да не поддржи, масовно во одбрана на унитарна и заедничка Македонија. Не се лажеме, нашата цел е искрена и оправдана и очекуваме секој кој ја сака својата татковина, кој ја почитува историјата, но и посакува иднина, да се приклучи кон нас, рече Петрушевски.

Тој додаде дека немаме друга татковина и сите заедно треба да се сплотиме за Македонија. – Ова се последните мигови кога можеме да ја одбраниме Македонија, таква каква што ни ја оставија нашите предци. Веќе не се работи за партии, политички кариери и функции, се работи за поважна работа, се работи за нашата Македонија, потенцира Петрушевски.

Протестни маршеви се одржуваат и во Прилеп, Кичево, Штип и Куманово, а нивно продолжување е најавено и за утре.