Интервју со Кирил Миновски – Македонија зaдoлжeнa како ниkoгaш досега, а Македоницте пoдeлeни

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Според мене во моментов  постои посилен антагонизам и поделеност во македонското национално ткиво. Исто така, сведоци сме на голем број на селективи случаи на прогон, кои придонесуваат да се креира еден виртуелен круг на омраза и одмазда од којшто тешко можеме да излеземе. Час поскоро треба да се престане со овие практики и преку почитување на демократските принципи и начелата на поделба на власта на законодавна, извршна и судска да се обезбеди владеење на правото и развој на демократијата во Македонија. Само на тој начин ќе можеме да градиме просперитетна држава и економија, вели Кирил Миновски екс-министер за финансии во Владата на ВМРО-ДПМНЕ, и еден од најуспешните економисти во земјава.

Родољуб и искрен патриот кој смета дека економијата е најсилна можност да ја искажеме љубовта кон државата.

Апелира на сплотеност и анализира како Македонија да излезе од економската криза во која се наоѓа, потсетувајќи ги аномалиите кои ги произведе некогашната опозиција, сегашна власт – не за друго, ами да не се повторат.

Прочитајте зошто денес сме држава со највисок долг во последните 30 години, зошто се уште не се направени автопатите започнати во време на претходната влада, што се случува со Клинички центар, како изгубивме 60.000 работни места.

Каде е Кирил Миноски денес?

Повеќе од 15 месеци, раководам со меѓународен проект за јакнење на капацитетите на Турското Министерство за финансии и поради глобалната пандемија живеам на релација Скопје – Анкара.

Што ќе направевте вие како Министер за финансии во оваа голема финансиска криза и каде погреши Владата на СДС, како успеа да ја клекне на колена македонската економија?

Финансиската криза ги погоди без исклучок, сите економии во светот. Прашањето за начинот на справување со последиците од кризата, е во директна корелација со  капацитетот на Владата за креирање и спроведување на политики и мерки, коишто ќе ги ублажат негативните последици. Клучното прашање во справувањето со кризата, е прашањето на поттикнување на агрегатната побарувачка, креирање на пакети за зачувување на работните места, како и мерки за справување со пандемијата преку јакнење на капацитетот на јавното здравство и заштита на здравјето на граѓаните. Јас уште во март 2020 година, имав серијал на колумни преку кои го споделував со јавноста моето мислење за начинот на којшто треба да се справуваме со кризата. Задоцнетата реакција во креирањето и носењето на пакетите на мерки за економска помош, според мене доведоа до двојно поголем пад на БДП од проектираниот од страна на меѓународните финансиски институции, зголемување на невработеноста, загуба на работни места и намалување на животниот стандард на граѓаните. Дополнителен проблем е што за разлика од државите во соседството каде што товарот на лекување на населението падна на државниот буџет, за да подоцна потрошените средства им бидат рефундирани од страна на Европската Унија, во македонскиот случај, целокупниот товар на лекување (најчесто преку плаќање на високи цени на ПЦР тестови во приватните здравствени установи, како и лекување на приватните клиники поради пренатрупаноста на јавното здравство) го понесоа граѓаните што дополнително го погоди стандардот на населението. Беше пропуштена и шансата да се направи исчекор во трошењето на алоцираните средства наменети за капиталните инвестиции, коишто имаат ефект на мултипликатор и позитивно влијаат на економскиот раст. 

Како загубивме 60 илјади работни места?

Според мене структуралните слабости на економијата, комбинирани со неблаговремената рекција во справување со кризата придонесоа до зголемување на невработеноста. Паралелно со ова имаме тренд на намалување на износот на бруто плата, преку намалувањето на висината на уплатите по основ на персоналец и придонеси, од причина што најголем дел од вработените продолжија и понатаму да добиваат минимална плата.

Дали може да очекуваме и натамошно зголемување на инфлацијата?

Уфрлањето на пари во оптек во големите економии како онаа на САД и ЕУ, заедно со намаленото производство поради ограничувањата што ги наметна глобалната пандемија, доведоа до зголемување на цените на голем број производи на светските пазари, а со оглед на поврзаноста на нашата економија со глобалната, дојде до зголемување и на цените на голем број производи кај нас. Најавите за понатамошно зголемување на цената на електричната енергија, како и евентуално зголемување на стапката на ДДВ-то, дополнително ќе влијаат инфлаторно и ќе го намалат животниот стандард на населението. Инфлацијата граѓаните најдобро можат да ја почуствуваат во супермаркетите, каде што во просек цените на производите се покачени за 15 до 25 %. За состојбата во економијата доволно говорат и празните деловни простори низ државата, па дури и во најтесното централно градско подрачје на главниот град, за чие што стопанисување не постои интерес.

Дали зголемување на цената на одредени основни продукти е поврзана со погрешни политики на Владата?

Очигледно е дека нивото на реалните плати опаѓа и дека граѓаните за ист износ на пари, можат да купат се помала количина на производи и услуги. Постојат механизми за контрола на цените на основните производи коишто можат да се користат, да потсетам само на инструментите како што се намалување на стапката на увозни давачки на определни производи, намалување на стапка на ДДВ-то и сл. Прашање е дали Владата сака да ги користи или не.

Она што обичниот човек можеби потешко го разбира е концептот на Бруто домашен производ, колку реално загубивме изминатите години со стаганција на растот на БДП-то и рецесијата што ја имавме минатата година?

Според мене политичката криза, која што во континуитет се наметнуваше започнувајќи од  2015-2016 година, досега нé чини најмалку една милјардa евра раст на БДП. За тие коишто не се запознаени со концептот, БДП всушност ја претставува новосоздадената вредност на една економија за определен временски период, на пример за месец, тримесечје или година. 

Колку време ќе ни биде потребно да ги надоместиме штетите во економијата?

Досегашните искуства покажуваат дека периодот на консолидација на македонската економија после криза е подолг во споредба со развиените западни економии. Доколку се остварат проекциите на меѓународните финансиски институции кои се  во голема мера оптимистички (како на на пример минатата година кога се прогнозираше понизок пад на економијата) следната година би требале да се вратиме на предкризното ниво и да го надоместиме изгубениот раст на БДП. Меѓутоа за ревитализирање на згаснатите бизниси, надоместување на изгубените работни места, зголемување на нивото на реалните плати сигурно дека ќе треба да поминат неколку години. Дали и во колкава мерка ќе се остварат предвидувањата, ќе зависи од економската политика и амбиент што ќе го креира Владата.  Во моментов јас не гледам јасна економска визија каде сакаме да се движиме, како да дојдеме до забрзан економски раст, не гледам креативни пристапи и идеи, туку само академски дискусии. Илустрација за ова тврдење е фактот што имаме секоја година промена на даночната политика, што за резултат има  креирање на непредвидливо деловно опкружување како за постоечките, така и за потенцијалните инвеститори.   Инвеститорите прават долгорочни бизнис планови за сопствените приходи и расходи, а кога условите во определена земја се несигурни, најчесто се откажуваат од инвестирање во истата.

Вие бевте еден од најуспешите Министри за финансии, ги паметиме секојдневно отварањата на фабрики и странските директни инвестиции? Што ги одврати инвеститорите од Македонија?

Јас бев дел од Влада која што имаше стратегија во економијата препознатлива по мерките за креирање на поволно деловно опкружување, ниски даноци, привлекување на странски инвестиции, креирање на работни места, отворена економија, инвестиции во патна, образовна и здравствена инфраструктура, субвенции во земјоделство итн. Периодот во којшто јас ја обавував функцијата беше исклучително сложен поради политичката криза. Се обидував да дадам се од себе, а колку сум бил успешен во тоа, оставам да цени јавноста. На крајот од мандатот ја оставив државната каса полна со речиси 225 милиони евра. Во однос на прашањето за странските инвеститори, можам да кажам дека тогашната опозиција, а сегашна власт, креираше атмосфера на стигматизација на странските инвеститори, често пати нарекувајќи ги експлоататори. Денеска гледаме дека токму  активноста на овие компании е од клучно значење за справување со кризата и тие се главен двигател на економијата. Честопати, таквиот амбиент беше поттикнуван и од одредени претставници на домашниот капитал најчесто од компаниите коишто беа приватизирани во деведесетите години со цел, да се забави процесот на раздвижување на локалниот пазар на труд, од причина што странските компании даваа повисоки плати и нудеа поголеми можности за вработените во поглед на нивната обука и нивниот кариерен развој.

Дали можеби објавувањето на договорите со странските инвеститори од Владата на Заев ја прелеа чашата?

Проблемот е во тоа што ништо не почнува и не завршува со една Влада. Договорите со странските инвеститори се потпишуваат во името на Република Македонија и истите треба да се почитуваат, затоа што тоа долгорочно влијае на угледот што државата ќе го има кон меѓународните инвеститори. Додека ние се фокусиравме на водење на дневна политика, другите држави во регионот водеа битка за привлекување на секој потенцијален инвеститор и отварање на нови работни места.

Вашиот некогашен соработник Виктор Мизо истакна дека не само што нема нови инвестиции во Македонија туку дека и оние кои што веќе инвестирале своите инвестиции ги носат во некоја од соседните земји, најчесто Србија. Прашањето е што прави Србија, а што не прави Македонија?

Во однос на изјавата на Виктор Мизо, немам што да додадам освен да се сложам. Во однос на тоа што прави Србија, би кажал дека Србија успешно го применува моделот што ние го имплементиравме кај нас. Главниот фокус на овој модел е ставен на привлекување на инвестиции, креирање на работни места и унапредување на инфраструктурата (образовна, сообраќајна, здравствена, итн). Тоа беше нашиот модел за економски развој и раст.

Ве консултира ли оваа Влада за совет за помош за побрз и поефикасен излез од актуелната економска криза, и во таа смисла, дали можеби од опозицијата досега ве консултирале за помош во изработка на економска програма, сепак доаѓате од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата си има свои Министри и советници коишто ја креираат нејзината економска политика, дали се успешни во тоа или не ќе ценат граѓаните и ќе покаже времето. Во однос на вториот дел од прашањето, не учествував во изработката на партиската економската програма, од причина што не сум дел од партиските тела.

Вие сте економист, но бевте дел од Влада па затоа ме интересира Ваш коментар и кратка споредба на политичката состојба денес и во периодот кога бевте дел од Владата на ВМРО-ДПМНЕ?

За разлика од политичкиот амбиент во тој временски период, кога јавноста и медиумите беа крајно чувствителни и беа исклучително критички расположени, денеска и покрај лошата состојба во економијата и општеството не гледам таков однос на медиумите. Еве за илустрација се сеќавам на пишувањата за повлекувањето на резидентниот претставник на ММФ во Македонија, што беше резултат на интерна одлука на Фондот за рационализација на начиниот на менаџирањето на целиот регион, кога бројни медиуми со денови пишуваа за „политичката порака“ на заминувањето, иако гледаме дека и денеска по цели 4 години, нема резидентен претставник на ММФ во земјата, меѓутоа никој не реагира. За разлика од тој временски период кога јас бев дел од Владата, она што би сакал да го издвојам денеска е постоењето на апатичност кај граѓаните, како и длабока поларизација и антагонизам во општеството. 

Вие го водевте проектот за Клинички центар, сега премиерот Зоран Заев бара од опозицијата да изгласа измени во Законот за јавни набавки за да се започне со изградба на Клиничкиот центар со цена од 500 милони евра, коментар?

Јас го водев проектот имплементиран заедно со Развојната Банка на Советот на Европа. Парите беа обезбедени со исклучително ниска каматна стапка под 1 % на годишно ниво, двата проекти ( Клинички центар Скопје и Клиничка Болница Штип) беа изработени и ревидирани од страна на реномирани европски консултантски куќи со двојна ревизија обезбедена од страна на Банката. Проектот за изградба на Клинички центар Скопје чинеше 87 милиони евра, додека за изградба на Клиничката болница во Штип околу 20 милиони евра. До сега доколку се продолжеше во таа насока ќе имавме изградена здравствена инфраструктура, која што ќе беше исклучително корисна во справување со здравствената криза. Испуштена е златна шанса да имаме поквалитетна инфраструктура во јавното здравство. Во однос на новата иницијатива за изградба на Клинички центар во вредност од 500 милони евра, би сакал да потенцирам дека само за изработката на квалитетна физибилити студија и главен проект вообичаено се потребни најмалку две години, додека условите под кои што ќе се обезбедат средствата сигурен сум дека ни приближно не може да бидат како оние што беа обезбедени од Развојната Банка на Советот на Европа. 

Последен отворен автопат во Македонија е автопатот „Гоце Делчев“ од Миладиновци до Штип. Остана автопатот кон Охрид и новиот Росоман – Прилеп, зашто се закочени овие проекти?

Доцнењето во изградбата на патната инфраструктура, ја остава Македонија во ситуација на сообраќајно слепо црево. Веќе сме заобиколени со паралелен коридор на коридорот 10 којшто минува низ Бугарија. Изградбата на автопатот Охрид – Кичево е закочена речиси четврта година,  а таа делница е многу значајна во изградбата на коридорот 8. Сето тоа неповолно влијае врз економијата затоа што градењето на патишта значи економска активност, ивестиции, туристи и раст на БДП. Што се однесува до патниот правец Росоман – Прилеп истиот е значаен за поврзување со Пелагониската котлина и градовите Прилеп и Битола. Колку што ми е познато и во овој случај имаме застој на градежните работи. Во делот на изградбата на железницата кон Бугарија и модернизацијата на железничкиот коридор 10 исто така нема посериозен напредок. Гасификацијата сеуште не е комплетирана. Сообраќајниците и поврзувањето на економиите секогаш носат нови економски перспективи. Очигледно дека системот на планирање и имплементирање на инфраструктурните проекти е нефункционален. Од тие причини на Македонија час поскоро и е неопходна централизирана професионална агенција за управување со проекти по примерот на В.Британија, Германија и други држави која што ќе обезбеди ефикасен циклус на проектен манаџмент и имплементација на проектите во рамки на расположливите ресури и рокови.

Македонија е со историски најголем јавен долг, но не гледаме соодветна реакција на ваквата состојба, а знаеме дека додека вие бевте Министер тогашната опозиција испраќаше дописи до инвеститорите да не ја финансираат македонската економија?

За жал сведоци сме на една хипокризија, истите личности коишто постојано алармираа на високиот јавен долг, организираа протести, прикажуваа калулатори на долгот во услови кога висината на јавниот долг изнесуваше 47 % од БДП, денеска молчат кога висината на јавниот долг е некаде околу 62,5% , а Македонија се смета за високо задолжена земја сoгласно на фискалните правила на ЕУ. Во однос на писмото што беше испраќано до инвеститорите, сакам да истакнам дека за секоја партија државните, а не партиските интереси треба да бидат на прво место. Овие писма оставаат долгорочен негативен ефект врз имиџот на земјата кај инвеститорите.

Секоја криза е шанса – големите кризи се и големи шанси? Што да прават граѓаните со своите заштеди, во што препорачувате да инвестираат?

И во услови на глобална пандемија определни сектори покажаа континуиран раст. Така на пример ИТ секторот, делот на онлајн трговијата, прехрамбената индустрија, фармацевтската индустрија, производството на храна,  логистиката, енергетиката, големите супермаркети и продавници за храна, гејминг индустријата, трговијата со компјутерски хардвер имаа сериозен раст. Во таа насока би го насочил размислувањето на граѓаните. Треба да се искористат предностите што ги обезбедува дигитализацијата и лесниот пристап до различни пазари, затоа што Македонија како мала земја има потреба од пристап до нови пазари. Неопходно е хоризонтот при креирање на бизнис планови да ни биде поширок и да настојуваме да ги продаваме нашите производи и услуги на што е можно повеќе пазари.

На крај како би ја коментирале актуелната политичка сцена, дали сме поблиску до општествено помирување од времето кога вие министерувавте, а имавме насилни протести, „бомби“ и што ли уште не?

Според мене во моментов  постои посилен антагонизам и поделеност во македонското национално ткиво. Исто така, сведоци сме на голем број на селективи случаи на прогон, кои придонесуваат да се креира еден виртуелен круг на омраза и одмазда од којшто тешко можеме да излеземе. Час поскоро треба да се престане со овие практики и преку почитување на демократските принципи и начелата на поделба на власта на законодавна, извршна и судска да се обезбеди владеење на правото и развој на демократијата во Македонија. Само на тој начин ќе можеме да градиме просперитетна држава и економија.

1 коментар

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This