дома Спорт ИСТО КАКО ЛАНИ: Вардар е планина која Монпелје не може да...

ИСТО КАКО ЛАНИ: Вардар е планина која Монпелје не може да ја искачи

Вардар со победа го заврши првиот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите против францускиот Монпелје. На пауза замина со негатива од еден погодок, 17-16, за на крајот да победи со 2 гола разлика, односно 33 – 31 на гости кај Монпелје.

Во многу изедначен натпревар, во кој победата можеше да се насочи во кој било правец, Вардар преовлада со концентрацијата, со искуството и со присебноста во клучните моменти. Иако противникот влезе со предност во последните 10 минути, вардарци ги свртеа работите.

Беше 29-27 за Монпелје во 52. минута, а потоа следуваше фантастичен период на Вардар со четири гола едноподруго. Кревкото водство до крајот го сочуваа Скубе и Дибиров со важни погодоци, додека Монпелје правеше грешки и безнадежно бркаше.

Претходно, Монпелје почесто водеше, но никогаш со повеќе од три разлика. Всушност, водството го украде од Вардар некаде околу 20. минута, кога од 12-10 за европскиот првак стана 14-12 за Французите, предност која ја одржаа до паузата, со 17-16. Во вториот дел Вардар се уште каскаше со негатива, но повремено се враќаше и изедначуваше, како на пример на 21-21 во 38. минута, потоа и 25-25 на влезот на последните 10.