дома Религија И ПОКРАЈ АПЕЛOT НА ЗДРАВСТВЕНИTE ВЛACТИ: Вepниците си се причестиja без стpaв...

И ПОКРАЈ АПЕЛOT НА ЗДРАВСТВЕНИTE ВЛACТИ: Вepниците си се причестиja без стpaв од kopонавирусот

И покрај апелот на здравствените влacти за поголема претпазливост на граѓаните, притоа да не се собираат масовно на јавни места, сепак стотици верници вчера  во црковните храмови, по една недела пост се причестија. Тие повеќе им веруваат на свештените лица дека причеста е света тајна и дека со оваа божја постапка не се пренесуваат болести меѓу верниците.

 

 

 

Во Македонија во моментов се заболени три лица од корона вирус, а над 60 лица се во домашна изолација. Како дел од овие лица кои се во домашна изолација и под здравствен надзор се наоѓаат околу 40-ина лица, кои биле во контакт со двајцата сопружници од општина Центар Жупа, соседна општина на Дебар, кај кои им е откриен корона вирус. Сопружниците кои биле во посета на свои блиски во Италија, се хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. Тие се во стабилна здравствена состојба, со лесна форма на болеста, но поради возраста се во ризична група.

Според министерот за здравство Венко Филипче лекарите будно ја следат состојбата кај двајцата заболени и доколку има потреба ќе интервенираат, а  подготвени се и сите капацитети. Првата пациентка кај која беше утврден корона вирусот, а која е хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести, се наоѓа во стабилна состојба. Тестот кој ѝ бил направен завчера бил негативен на корона вирус, но согласно процедурата, истиот треба да биде повторен по 48 часа. На 10 март, како што се наведува, истекува периодот на изолација на сите сопатници кои на 26 февруари пристигнаа со првата заболена пациентка.

Како што објасни Филипче, епидемиолозите нашле уште девет други лица исто во околината на нивното место на живеење кои биле во близок контакт со двајцата пациентите и на сите деветмина им е определена домашна изолација и здравствен надзор. Идентификувани биле и сите преостанати патници од вкупно 28 лица кои се превезувале со нив во автобусот, а кои се исконтактирани телефонски.

-Околу 22 лица се во домашна изолација и здравствен надзор, а тројца ја напуштиле земјата. За еден од патниците кој бил жител на Албанија, надлежните го известиле албанското Министерство за здравство за неговиот идентитет- информира Филипче.

Возачот на автобусот, пак, со кој пристигнале двајцата сопружници на 27 февруари, во меѓувреме повторно заминал на тура за Италија, која се смета за жариште на вирусот во Европа. Во саботата попладне кога пристигнал во земјава на граничниот премин Табановце нему му бил направен тест кој се покажал негативен на корона вирус.

-Автобусот кој тој го возел заедно со новата тура патници кои ги превезувал од Италија бил тргнат на страна, а до добивањето на резултатите од тестот, возачот и патниците биле во неколкучасовна изолација во објект на Царинската управа на граничниот премин. По добивањето на резултатот нему од Државниот санитарен и здравствен инспекторат му била одредена домашна изолација – објаснуваат од Министерството за здравство.

Патниците, пак, кои вчера пристигнале со него, по прегледот од епидемиолозите на граничниот премин при кој кај ниту еден не е индицирана болест, се пуштени дома. Тие немале контакт со позитивен пациент, но дадени им се препораки, доколку почувствуваат некои симптоми, да не одат по здравствени институции, туку веднаш да се јават во центрите за јавно здравје.

Сите лица кои добиле решение на ДСЗИ за здравствен надзор со полициска придружба остануваат во домашна изолација, во случај на непостапување по решението следат правни консеквенци, предупредуваат од Министерството за здравство.

Министерот Филипче информира дека целосно е подготвен и објектот за изолација во Демир Капија, како дополнителен капацитет на инфективните одделенија во Штип, Велес и во Гостивар.

(В.Ма.)