дома Македонија И Ристовска може да се бори за шеф на новото СЈО

И Ристовска може да се бори за шеф на новото СЈО

Министерството за правда денеска го објави новиот Предлог на Закон за јавното обвинителство според кој СЈО и Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе се спојат во едно обвинителство, односно во Обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Премиерот Зоран Заев, информирајќи за новината, пак истакна дека предлага на чело на ова обвинителство да застане обвинителката Вилма Русковска.

Сепак, според објавениот предлог-закон, може да се забележи дека и помладите обвинители ќе имаат шанса да се борат за шефовската позиција, бидејќи наместо досегашните осум години стаж, сега е доволно шест години да работеле како обвинители.

Според законот за СЈО, со кој на челната позиција беше избрана Катица Јанева, беше потребно потенцијалниот шеф да работи или да е пензиониран обвинител, су-дија, или адвокат со најмалку осум години работно правно искуство во кривично-правни работи, или да е редовен или вонреден универзитетски професор кој предавал правен предмет во областа на правосудството повеќе од десет години.

Сега, со новото законско решение, ситуацијата е сменета. На кормилото на новото СЈО ќе може да биде само јавен обвинител, со најмалку искуство од 6 години.

– За јавен обвинител на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција може да биде избрано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку 6 години како јавен обвинител до моментот на пријавување за именување и кој е оценет со позитивна оценка во последните три години, пишува во предлог законот.

Ова значи дека за челната позиција би можела да конкурира и сегашната заменичка на Јанева, обвинителката Ленче Ристовска, која кога стана дел од СЈО имаше искуство од три години.

Изборот на овој обвинител ќе го врши Советот на јавните обвинители.