дома Актуелно Иcтopичарите го возвpaќaaт удapoт: Koлку лyѓe би пoчинaлe aкo ниe дaвaмe coвети...

Иcтopичарите го возвpaќaaт удapoт: Koлку лyѓe би пoчинaлe aкo ниe дaвaмe coвети зa кopoна?

,,Лудаци сме. И да, бугарофоби. Европската унија е во право! Не сме подготвени за членство!”. Претходново е изјава на професорката Катерина Колозова на нејзиниот личен фејсбук – профил, додека, професорката притоа потенцирала дека ваков однос помеѓу две земји членки на ЕУ (демек, доколку Македонија би станала членка) не би требало да постои.

Можам да претпоставам дека била поттикната од реакциите на јавноста во однос на скандалите околу евровизискиот избраник за кој искрено, не знам дали треба да го наречам македонски претставник, бидејќи, повеќе имавме можност да го сретнеме деновиве фотографиран со симболи на други соседни држави но, нејсе, не ни сакам воопшто за тоа да отворам некаква полемика тука…

Во однос на терминот ,,бугарофоб”, истиот главно може да се протолкува и како страв од Бугарија/бугарскиот народ но и како омраза кон Бугарија/бугарскиот народ а не е исклучено да биде и комбинирано. Дали сме лудаци, не сум доволно стручен да проценам, можеби Колозова се смета за доволно стручна да процени, меѓутоа, во однос на нејзината друга ,,констатација”, ќе се обидам да го искажам своето мислење.

Имено, бидејќи авторката на статусот не приложила конкретно објаснување на која страна повеќе ,,влече” нејзината изјава, сакам да потенцирам дека сум прилично сигурен дека во случајов не станува збор за некаква масовна омраза (за жал, веројатно од двете страни се наоѓаат ,,црни овци” кои така размислуваат), туку, повеќе во ситуацијава, генерално стои реален и оправдан страв зад реакциите на јавноста во поглед на скандалот кој излезе околу овогодинешниот претставник за Евровизија а и општо кон бугарската актуелна политика кон Македонија или пак како да го толкуваме блокирањето за нашиот влез во ЕУ? Дали како чин на возвишена љубов и искрено пријателство?

Во контекст на тоа што го наведов претходно, односно, дека секаде постојат ,,црни овци”, да дополнам дека реакциите кај нашата јавност во контекст на претходното, не е нешто кое треба да не` зачуди, особено, деновиве, кога често на бугарските национални телевизии можеме да сретнеме навредливи изјави кон македонскиот народ од истакнати бугарски функционери. Деновиве, на една од емисиите на Бугарската национална телевизија беа тема на дискусија и делата на неколку живи и упокоени македонски историчари, каде што познатите универзитетски бугарски професори кои беа гости во емисијата каде што течеше дискусијата, не останаа ,,должни”, со навредливи зборови да ја изразат нивната (дури сметам дека во однос на тоа што се изјави ќе бидам релативно благ) условно кажано, македонофобија. Замислете какви кадри излегуваат под нивно менторство???

Во ред, да се навратам на стравот, имено, да се обидам да образложам за каков страв станува збор? На пример, станува збор за тип на страв како што е стравот кај оние што национално се чувствуваат и се изјаснуваат како Македонци од резултатот од актуелните преговори на историската комисија помеѓу Македонија и Бугарија. На пример, страв кај фелата на историчарите од понатамошно понижување на нашата фела и ефект на интензивирање на политичката злоупотреба на историјата поради актуелната подредена улога која ја покажуваме кон дел од соседните држави а велам подредена, затоа што не воочувам некаков сериозен реципроцитет во барањата. Во контекст на последново, да потенцирам една изјава која што ја сретнав деновиве од страна на претседателот на комисијата за преговори со Бугарија во однос на историјата, академик Драги Ѓоргиев и членот на комисијата, професорот Петар Тодоров, кои изјавија дека ,,…поголемо политизирање на историјата доаѓа од самите историчари” (колумна во Радио Слободна Европа од 13 март 2021). Иако, до одредена мера се сложувам со констатацијата на двајцата професори дека понекогаш тоа за жал е така, сепак, контрадикторно па и дури може да се рече дека и апсурдно изгледа кога ваквата изјава доаѓа од членови на комисија за која сите сме свесни дека беше формирана со политичка позадина и преку најдиректен политички притисок од страна на соседна држава!

Ете, наместо омраза, зад ,,бугарофобијата” (без да навлезам во историските прилики кои влијаеле на двата народа) генерално, сметам дека за таков страв станува збор, страв од евентуалниот следен потег на актуелната влада на Бугарија, кој би бил на директна штета на македонското национално ткиво… Воедно, сметам дека на сето ова влијаат и се` почестите нестручни и несоодветни изјави во однос на македонската историја од страна на поранешни македонски политичари, како на пример, поранешниот министер за надворешни работи, Денко Малески, кој на 16.03.2021, кој иако не е стручен за историја за Бугарската новинска агенција БГНЕС паушално си изјави дека ,,Македонија нема средновековно наследство…”.

Како средновековното наследство да е стриктно заглавено во некаква модерна национална капсула па да мораме да наоѓаме некакви македонски ,,средновековни пасоши” за да докажеме дека денешниот, модерен македонски народ е производ на долговековен процес и дека народот кој живеел на овие денешни наши простори низ средновековието, негувал надвременски вредности и оставил значително културно наследство.

Како прв министер на МНР во независна Република Македонија, верувам дека Малески прошетал низ многу светски центри, меѓутоа, остава впечаток како малку да прошетал низ нашата земја, или барем така мене ми делува според изјавава, бидејќи, верувам дека истото во голема мера би му помогнало во тоа да воочи дека постои и пошироко гледање на историјата од анахроното кое самиот го прикажува. Што е следно, историчарите да почнат да пишуваат статии за постапки на лечење од КОВИД-19, или, поради нестручноста би настрадале многу луѓе? Нели…???

Пишува: Борче Милошески – историчар