дома Македонија КАМПАЊАТА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗАПОЧНУВА ОД 10.СЕПТЕМВРИ: Пратениците од 20.август на одмор, кампањата...

КАМПАЊАТА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗАПОЧНУВА ОД 10.СЕПТЕМВРИ: Пратениците од 20.август на одмор, кампањата започнува на 10. септември!

Парламентот ќе работи до 10 септември кога претседателот на Парламентот Талат Џафери очекува да почне кампањата за референдумот, што, пак, веќе е закажан за 30 септември. Иако предлагачи на одлуката се пратениците, Џафери вели дека во кампањата за референдумот би можеле да учествуваат политичките партии, невладиниот сектор, но и Владата, па дури и Собранието. Според него, и тие што ќе се определат да не учествуваат на референдумот, ќе имаат некаква кампања.

– Предлагачи се пратениците, а тие се претставници на политички партии, како и да е, не се исклучени сите субјекти кои го чинат политичкиот живот во државата. И формалното неучество е учество со определба. Затоа пратениците, односно политичките партии, ќе бидат тие кои ќе ја водат кампањата за да ги убедат граѓаните дека треба да излезат на референдум. А по аналогија роковите се исти како и за изборите со разлика во составот на одборите кои ќе бидат во избирачките места. Бидејќи е граѓанска иницијатива оставено е тие членови да не бидат партиски. Претпоставувам дека ДИК на носителите на кампањата ќе им овозможи да го набљудуваат процесот, вели Џафери.

Предупредува дека сите учесници во кампањата треба да се водат од општите интереси на граѓаните, а не од поединечните.

– Веќе три децении граѓаните на РМ без разлика на нивната етничка и верска припадност, во речиси 80 отсто, се за интегративниот процес на Република Македонија и во тој контекст очекувам да се зголеми излезноста на гласањето за референдумското прашање. Во принцип секогаш сум оптимист и им верувам на граѓаните дека ја сфатија пораката и потребата за референдумот и ќе ја искажат нивната определба да бидат дел од ЕУ и НАТО, рече Џафери на денешниот редовен брифинг со известувачите од работата на Собранието.

Поставеноста на референдумот во однос на консултативниот карактер, е работа предлагачите, додаде Џафери, кој е потписник на иницијативата.

Го повтори ставот дека на Македонија не и се потребни предвремени избори.

– Најмалку се потребни предвремени парламентарни избори. Не би требало хипотетички да се занимаваме со одредени прашања, туку треба да апелираме овој процес што е отпочнат да тече онака како што е планирано, со повик сите да придонесеме за тоа што е интерес на граѓаните и на државата, рече Џафери.

Тој информираше дека Законот за ратификација на Договoрот со Грција во Службен весник ќе биде објавен по референдумот, иако претходно се имаше друго мислење во врска со ова прашање.

– Сметам дека најповолно време тоа да се случи е после изјаснувањето на граѓаните во однос на референдумското прашање, затоа што во одреден контекст сиот успех на Договорот зависи од одлуката на граѓаните која ќе ја донесат на референдумот и тоа е најсоодветно време да се постапи по однос на договорот, рече Џафери.

Освен Договорот со Грција, и Законот за употреба на јазиците не е потпишан од страна на претседателот на државата и по повторното изгласување. Според претседателот на парламентот Џафери, Собранието има обврска да ја спроведе волјата на мнозинството и да ги заживее законите што се донесени.

– Имајќи ги предвид сите околности кои се однесуваат на процесот на референдумот не би сакал сега Собранието да се постави како кочничар, или како институција која ќе делува спротивно на она што го изјавуваме дека сме фокусирани на постапката за референдумот. Откако ќе заврши референдумот ние ќе можеме да постапиме по сите овие прашања и да ја спроведеме волјата на мнозинството, впрочем тоа е и волјата на мнозинството на граѓани кои не избраа, рече Џафери.

На средбата со новинарите тој информираше дека Собранието ќе паузира со пленарните седници до 20 август и оти првата седница може да биде свикана околу 29 и 30 август.

Во периодот по летните одмори треба да се очекува, според претседателот на Парламентот, Собранието да ги избере членовите на неколку второстепени комисии кои останаа без своите први луѓе по нивното разрешување, но исто така и да биде избран директор на ОТА.

Во септември се очекува да финализираат измени на Деловникот на Собранието на Република Македонија на средба во рамки на Жан Моне процесот на која треба да присуствуваат и тројцата европратеници.

Деновиве треба да заврши и постапката за определување на проекциите за буџетот на Собранието за следната година. Во првата половина од годината Собранието имало 57 седници од кои десетина не се завршени.