Аналитичарот Сашо Клековски во своето гостување во вестите на телевизија Сител истакна дека во моментов Македонија има две опции кога станува збор за нашата европска иднина.
Едната опција според Клековски е македонските политичари да го следат примерот на Бугарија и црвените линии да ги исцртаат во македонското Собрание преку заедничка резолуција и другата опција е целосно напуштање на преговорите со Европската Унија.
Kлековски потенцира дека сите политички опции треба да се обединат кога станува збор за македонските национални интереси и да се спротивстават на бугарската позиција на моќ која резултираше со вето за почетокот на преговорите на Македонија со Европската Унија.
-Мислам дека една резолуција во Собранието ќе ја стави црвената линија до каде било која власт, не само власта на СДСМ туку и власта на ВМРО-ДПМНЕ смее да преговара, вели Клекоски.
Според Клековски власта е таа која што треба да организира консензус по однос на спорот со Бугарија и да ги заштити националните интереси.
-Ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека националниот интерес им е пред се, мора да демонстрираат способност да ги надминат теснопартиските и морам да кажам за мене прво одговорност има власта, бидејќи власта ја има моќта значи Владата, СДСМ е тој што треба да го организира и потикне изградување на заеднички позиции.
ВМРО-ДПМНЕ веќе втор ден бара поддршка од власта во Собранието да се изгласа единствен национален став кога станува збор за црвените линии во преговорите со Бугарија.