Така што гледате како овој квиз за СЈО може да биде од суштествено значење за нашиот прием во НАТО и ЕУ. Затоа пред првата епизода треба да има сечење лента. И тоа не било каква, тука од свила. За да бидеме балансирани, свилата мора да биде кинеска. А бојата да биде увезена од Русија. Оти не бива црвена боја да се увезува од Вашингтон, Брисел или Берлин. Не им личи.
Вмровците во 2016 година ја открија УДБА и открија дека ги следела. Истата година кога се откажаа од Законот за лустрацијата по кој беше лустриран и Љубомир Фрчкоски кому, секоја чест, веројатно никогаш не му одело подобро од деновиве, по кој не се откри кои новинари биле бремени од политиката во времето на Томислав Чокревски и пред тоа, по кој настрадаа неколку луѓе кои веројатно се само врв на големата санта лед. Kојзнае, за педесет години вмровците можеби ќе откријат и дека Верушевски ги прислушувал. Дека Доста Димовска, Бог да ја прости, работела за Србите, а не за Бугарите и дека ги штитела кодошите во првиот мандат на ВМРО-ДПМНЕ. За чадорот ќе зборуваме по сто години ако тогаш воопшто има потреба од тоа бидејќи дотогаш и Миленко нема да биде на овој свет, па со Западот конечно ќе бидеме во долго посакувана и исчекувана љубов.
Чудно, за двата милиона за Авганистан никој не се буни оти обично следува тоа: колку апарати за болниците можеле да се купат со тие пари, колку градинки или училишта можеле да се изградат и слично. Сега некој чуден молк? А зар не ни велеа дека треба да имаме критички однос?
Не знам само зошто не дадеме по некој милион и за буџетот на ЕУ. Еве сега кога Британија се подготвува за заминување од великите европски вредности, да не има Јункер некој проблем? А кој да му се најде при рака ако не пријателите. Потоа, некој милион и за Грција? Што станува за Бугарија? Kаде се Kосово и Албанија? Да не треба и за Србија да дадеме нешто? Можеби не бидејќи Вучиќ постојано вели дека ете им тргнало, ама да не има СПЦ проблем со пари? Оти во Србија црквата е одвоена од државата (не ставајте рака во оган за ова, само верувајте на збор), затоа и не можеме да го решиме проблемот на МПЦ, па не е чудо ако додека Белград плива во пари, црквата им се мачи. А кај сме дале некои мошти, можеме и некоја пара. Ние и онака сме научени со малку, па ќе се снајдеме.
Пишува: Дарко Јаневски за Дневник