дома Uncategorized КОЛУМНА НА МИЛЕНКО НЕДЕЛКОВСКИ: Пржино три!

КОЛУМНА НА МИЛЕНКО НЕДЕЛКОВСКИ: Пржино три!

Текстов е наменет да им предочи на мудрите ни политичари дека не сме сите слепи при очи. Затоа, молам, да не биде после дека “не сме знаеле“, “не‘ изненади“, “мораше така“…

Последните изјави на Али Ахмети, оние де на TV 21 и онаа по средбата со Заев, се идикативни до ниво дека може точно да се претпостави што ќе се случува оваа пролет. А еве го и летото пред нас. Летото, да потсетам, е сезна кога цветаат “Пржинските“ договори.

Али, не Експрес, ами Ахети изјави: “Без договор на претставниците на двете страни, како мнозински заедници, СДСМ, ВМРО, ДУИ и другите партии, не можеме да правиме експерименти и театар, и да одиме во Парламентот без претходна согласност“. И, исто така, изјави: “Неопходно е да се изнајдат начини да профункционира Собранието, со најдобра намера да продолжиме понатаму со преговорите за градење на институциите со кои треба да се води државата“.

Натаму, како доказ дека “не сме сите слепи при очи“, се и текстовите во про-соросовите, про-заевите и про-бејлиевските портали и медиуми. Имено, откако Џес Бејли и цијашката агентурата установи дека не може да се бори против народот на улица и одлуките (кратењето на фондови и ингеренции) на Трамп, почнаа да цимолат и констатираат дека “целата безбедност зависи од волјата на МВР, а не би било чудно да се случи полицајците да и се приклучат на толпата по наредба на ВМРО-ДПМНЕ“ (Плусинфо). Или да пишуват реченици како што е “да бидеме искрени – ситуацијата е врвка“ (Героски).

Секако, има и неколку изневерени шваљерки ко Тричковски и Фрчковски што сеуште заговараат судар (граѓанска војна) на народот на улица. Но, факт е, дека “аналитичарите“ од страната на СДСМ омекнаа, се уплашија, почнаа да бараат решенија во зеднички преговори. До “аналитичарите“ пак од другата страна, аберот дека нешто друго ќе се деси, сеуште не е стигнат.

За да се постигне “договор на претставниците на двете страни“ и за да може “да продолжиме понатаму со преговорите за градење на институциите“, очигледен е планот за потегнување на нови договри. Затварање на тајни сесии во “Клубот на пратениците“ или во резиденцијата на ЕУ во Пржино. Повторно договарања, би рекол Заев “паламудења“, без присаство и согласност од народот. Тоа значи дека “Пржино три ќе ни‘ се деси“.

Како што може да се види од теренот, СДСМ не се ни обидува да ги извади своите платеници (Павле Богоевски, Љуми, скопски криминалци…) на улица. Уште поочебијно е дека и ДУИ или БЕСА не ги активираат своите млади наци-фашисти со зовриена крв. Од спротивна страна, од кај ВМРО, се маргинализирани непартиските но екстремно национални определените ликови и интелектуалци прифатени кај народот како Тони Науновски, Петре Темелковски, Мирка Велиновска… И Крсте Јовановски е по тој пат тргнат. И поумерените како Пандов или Шанац Михајловски се поретко ги има. За СОС и за Чилиманов, веќе пишав, изгледа треба SOS.

ВМРО беше грогиран, претепан, раскрвавен по освојување на само 51 од бараните 63 пратеника. Плус додатно беше комиран од предавството и непочитувањето на мајскиот договор од страна на ДУИ.

Таков ВМРО, од болничка постела како пациент приклучен на апарати, го издигна народот. И, да не заборавиме, и Ѓорѓе Иванов. Народот и Иванов на чудесен начин го санираа, излечија и ставија на позиција функционерите на оваа партија да можат повторни да биде фактор а не притвореници по желба на СЈО.

Јасно е дека ВМРО веќе никогаш нема да ги добие гласовите на парламентарци албанци. Дури фиктивно некогаш и да победи со 58-59 пратеника, тие два-тројца нема да може да ги вклопи. Доколку не се од кај молчеливиот Тачи. Јасно е и дека СДСМ никогаш повеќе нема да има 49 пратеници со толку многу албански гласачи во своите редови. Инженерингот на Џес Бејли за победа на СДСМ не успеа, повеќе од овој резултат во нивна корист е неможен. Но, Бејли успеа до тоа ниво да го осакати ВМРО што влегувањето на Груевски во премиерскиот кабинет го направи неможно.

Откако “меѓународниот фактор“, читај Брисел, увиде дека против народ не може…, откако увиде дека Трамп не е Обама, уште помалку Хилари…, откако увиде дека народот на Заев нема да му дозволи да влезе ниту во Собрание ниту во Влада…, сега ќе го прави она што најдобро го знае! Ќе ги принудува партиите во Македонија да излижат таму каде што плукале. Ќе ги принудува да го заобиколат народот. Ќе ги принудува да го прескокнат Претседателот Иванов.

“Меѓународниот фактор“ со полно право си мисли дека тоа може да го направи. Примерите со Охридскиот договор, Пржино 1 и 2 и примерот каде ВМРО инсистирааше кај Иванов и успеа да се повлече одлуката за аболиција се гарант дека уште еднаш ќе успеат да ја превеслаат Македонија и нејзиниот народ. Примерите од овие 4 поединечни настани, сите до еден се противуставни и незаконски. А Охридскиот, па и Пржинскиот договор, се во категорија на велепредавство.

Она на што е спремен да направи СДСМ – да подвитка кичма и да исполни што од него бараат робовладетелите од Брисел, е јасно. Она на што е подготвен албанскиот политички фактор – на послушност до лудило, исто така е јасно.

Мене единствено ми останува да го насочам фокусот на внимание и анализа кон потезите на ВМРО. Тоа е единствениот национален, идентитетен и патриотски столб во оваа држава. Столб кој не е ниту МПЦ, ниту МАНУ, ниту Универзитетот.

Значи, што ќе направи ВМРО и неговото раководство?

Повторно ли ќе потпише капитулација како со двата Пржински договори?! Повторно ли во Собрание ќе гласа неуставни и незаконски решенија како досега? Па потоа тие пратеници од таа колација што така гласале, на Фејсбук ќе се исчудуваат и ќе постираат патриотски постови?! Примерите со распуштеното па пак собрано Собрание, СЈО и дузина други незаконски и протиуставни одлуки веќе се здодевни да се набројуваат.

Повторно ли на собраниот народ, како на митинзите од пред две-три години, ќе им каже “ај доста беше, сега одете си по дома“!!! Ние сега ќе преземеме во ваше име без да ве прашаме да договараме прашања која ја решаваат вашата судбина, но и судбната на вашите покојни претци и идни поколениа!!! На еден куп митинзи видов и слушнав луѓе дојдени таму кои си заминаа со прашањето кон мене: “Е зошто дојдовме“?

Повторно ли ВМРО ќе му каже на Иванов, “дај те молам, да ја надминеме кризава, повлечи се од твоите ставови за (не)давање мандат“!!!

Баш ме интересира, како овој народ што секоја вечер е на улици и пред камерата на дронот на Кочан ќе биде “пратен по дома“?! Борис и Бетмен, што ќе направат?!

Да заклучам.

Нам ни престојат нови преговори. ВМРО пак ќе биде притиснат да “преговара“. Повторно ќе ни се нуди “мир“ како следниот чекор во распаѓањето на државата започнато уште со Бранко Црвенковски и Киро Глогоров пред две-и-пол децении.

ВМРО и неговото раководство, да бидам искрен, неволно ќе одат на тие преговори. Не ги сакаат, ама изгледа дека мораат. Тие луѓе се со нешто уценети. Со што, не знам. Оправдувањето дека попуштањата се затоа што имало опасност албанските партии да излезат од коалицијата и да ја распаднат држвата – еве и со стратегијата “попуштање“ се случи. Значи, тоа не е причина за сервилниот преговарачки однос на преговарачите од ВМРО. Нешто друго е. Што е, не знам.

Јасно е дека новите “преговори“ ќе инсистираат на “широка“ коалиција. Свежо е паметењето дека Груевски вети и се обврза дека такво нешто никогаш нема да има. Широка коалиција ќе значи легитимирање на инженерингот на Гарет и Бејли, легитимирање на криминално прислушкување и објавување на снимки, а ќе значи и продолжување на мандатот на СЈО додека сите раководни лица околу Никола Груевски (заедно со се него) не се најдат зад решетки после монтирани судски процеси како во времето на Панта Марина, Лазар Мојсов и Коле Чашуле.

Има ли излез?

Има, да. Ама идеата за излез не можат да ја имаат и да ја дадат канцелариските молци скриени зад тастатурата и изолирани зад врати, секретарки, шофери, обезбедувања, меѓународен чадор…

Планот за излез може да го даде нардот. Оној што е на улица.

Политичарите (и оние од ВМРО, пред се превртачите влезени во оваа партија) ќе речат “нас не‘ избраа на избори, ние имаме право да решаваме“. Точно. Ама народов на улица сега спасувајки си ја државата, историјата, јазикот и идентитетот ги спасува и вашите кожни фотељи и незаслужени функции. Народот, не вие мастиљари.

Затоа, еве го планот, доколку има преговори:

Доколку има преговори и доколку ВМРО се согласи на нив, да има претсавници од народот. Може да има и од едната и од другаа страна. И од оние кои не се од ниту една, ами се од Македонска страна. Тие, третите, ќе имаат обврска јавно да го информираат народот три пати на ден што се зборувало и кој што кажал. Мој предлог за тој “трет“ најнароден тим се: Мирка Велиновска, Дарко Јаневски и Јане Ченто
По евентуален договор, целиот текст да оди на референдум. За народот да може да реши дали прифаќа или не.

Ете го планот. Едноставен, краток и јасен. Не им одговара на политичарите, знам. Амо после овие 15 дена и по 100.000 луѓе секоја вечер на улица, НЕМА ДА МОЖЕ од тука натаму да не го прашувате нардот.

Иднина со договор потпишан од 4 поглавици не прифаќам.

Миленко Неделковски

15. март 2017

08.45 – Скопје