Колумна на Ристо Никовски: „Пописот стана се’ албански проект“

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Ова што ни се случува, не може да изненади никого што ги следи настаните. Работите сосема логично се надоврзуваат. Веќе не е спорно дека пописот стана се’ албанска акција за зголемување на бројот на македонските Албанци. Ова е само по себе доволен доказ што е договорено меѓу СДСМ и ДУИ особено кога претендираат дека  операцијата била божем само статистичка, што е сосем нереално. Се’ заедно, ова треба да биде само нов исчекор во бришењето на македонизмот, што е долгорочен меѓународен (американски) проект. Аферим за нашите предавници и капитуланти а народот што молчи го заслужува тоа. Грција, Бугарија и Албанија имаат само свои прецизни улоги во сценариото кое е зацртано во Вашингтон непосредно пред или по распадот на Југославија и до денес неуморно и филигрански се спроведува. 

Ако некој не може да го разбере конкретниот случај за настаните околу пописот, сврзани со обидите за понатамошна албанизација на земјава, да му помогнеме – по законот за албанскиот јазик, Македонија веќе функционира како федерација, иако засега само ограничено и делумно. Албанскиот дел од власта доби зграда за својата влада, што не е официјализирано ама ќе дојде и тој момент – во прашање е само техника. Се’ друго е веќе привршено. Третата албанска држава е реалност иако во моментов – прикриена. Првиот вицепремиер, Груби, се однесува како паралелен премиер и, без да трепне, тера албански политики. Неговиот министер за надворешни работи исто така се однесува и веќе  јавно добива задачи од него а народот се чуди бидејќи никој не им кажал како функционираат федерациите. Така се однесуваат и голем дел од другите албански политичари во земјава кои отворено работаат на големоалбанскиот проект. Македонските спијат бидејќи така им е наредено. Не е возможно тие да не разбираат што се случува, колку и да се неписмени или прости.

Дека е ова точно, потврди и еден познат новинар кој на телевизија отворено праша – федерација, зошто да не? Нека седнат и нека се договорат! Просто е неверојатно со каква леснина човекот го продава унитарниот карактер на Македонија!? Инаку, тој е познат како жесток промотор на погубните американски политики кон Македонија и на таа линија одлучно ги поддржува нашите капитуланти од власта. Зошто го прави тоа е друго прашање.

Во Приштина, Груби јавно кажа (мкд.мк, од 19/3/2021) – “Косовското прашање за нас е приоритет“ и додал дека со привремената претседателка на Косово, Вјоса Османи, разговарал – “и за тоа дека нашата поддршка (македонска) нема да изостане на ниту еден меѓународен форум“. Рече и дека – “Македонија ќе побара од Шпанија да ја признае независноста на Косово“. Да потсетиме дека нашиот (?) МНР, Бујар Османи, тие денови беше во посета на Мадрид и очигледно тоа го апсолвирал. Груби информира и дека Вјоса Османи – “вети дека ќе биде вклучена во процесот на попис“! Прво, доколку Владата нема договорено и прецизирано ваква политика, што изгледа  веројатно, тоа потврдува дека имаме две влади со две различни политики. Второ, вклучувањето на Косово во нашиот попис е класично мешање во нашите внатрешни работи. Владата, пак, доколку смета дека постои само таа а нема и паралелна, албанска, мора тоа да го осуди.

По Косово, Груби отиде и во Тирана. И овде се поставува прашањето – дали овие посети се координирани на ниво на Влада или прави секој што и како сака? Особено албанскиот дел? Порано, албанските министри не криеја дека тие му одговараат на Ахмети а не на премиерот, и никому ништо. Затоа и ни се случува сето ова. Впрочем, Владата мора да има годишен план на посети кој, нормално, постојано се актуализира. Ако нема такво нешто и ако може секој кај сака да оди или кого било да дочекува, тогаш ова не е никаква држава. Со видео порака, премиерот Еди Рама (“Вечер“, од 27/3/2021) јавно ги повика Албанците од дијаспората да се регистрираат на нашиот попис бидејќи со тоа: “ќе се процени и уставната моќ на Албанците“. Додал – “претходниот попис беше намерно прекинат. Знаете подобро од било кој дека уставната моќ и одлучувањето во таа држава зависи од бројот на албанските граѓани во Македонија“. Клучно е што Рама јасно ни става до знаење зошто ја попишуваме и дијаспората и зошто се тие посветени и концентрирани на неа. Со тоа, демек, треба да ја променат својата уставна позиција. Очигледно се свесни дека во земјава ги нема доволно и затоа се свртени кон дијаспората. Тоа е, значи, клучот на договорот меѓу СДСМ и ДУИ. Интересен дел од неговата изјава е што отворено се фали за правата кои ги добиле Албанците во земјава констатирајќи – “…за да видиме какви чекори презедовме за афирмација на правата во таа република“. Ај сега некој нека тврди дека тиранската платформа не е навистина од таму и дека Тирана не се меша во нашите внатрешни работи. И тогаш, и сега, а така ќе биде и во иднина бидејќи ние си молчиме и се правиме недоветни. Ова се крајно неприфатливи потези и ако  официјално не реагираме, потврдуваме дека сме недоветни.

Груби се сретна и со поранешниот албански премиер, Пандели Мајко, познат екстремен албански националист. По средбата, Груби изјави – “пописот е многу важна операција и точниот број на население ќе ги зголеми барањата и политиките кои се спроведуваат во (С) Македонија затоа што овој попис не е само статистички туку исто така и политички“. Тој е во право дека пописот има нагласено политичко значење заради законските и уставните одредби и самиот најавува дека ќе следат нови БАРАЊА. Затоа, де, се мобилизира албанска дијаспора. Се најавува и насетува дека врз основа на нејзината бројност ќе се гради позицијата на Албанците во земјава, што е беспредметно и неприфатливо. Тоа е доволен индикатор дека се’ албанскиот карактер кој го добива пописот не е воопшто случаен туку зад сето тоа стојат конкретни намери и планови. Уште поинтересна е изјавата на Мајко – “Во државата каде Албанците го добија своето законско право на употреба на албанскиот јазик, кога бројката ќе достигне 50 проценти (Албанци), тогаш тие ќе го имаат и законското право да го употребуваат и националното знаме (на Албанија, што и формално ќе значи федерација). Ова е главната кампања на Албанците“! Додатно објаснување не е потребно. Се’ е јасно. Картите се отворени до крај и кој не ги гледа и не ги разбира, негов проблем. Од наша страна, се разбира, нема официјална реакција. Се јави само Едмонд Адеми, од СДСМ, кој на Мајко му порача дека се’ додека е Заев премиер, не треба да се грижат! Целта на Адеми секако била да го брани шефот, ама впечатокот е повеќе обратен – дека тој е спремен да даде се’! Тоа е, сепак, многу пореално.          

Тирана одамна има не само амбиции и аспирации туку и конкретни планови како Македонија да ја стават под свое преку Албанците во земјава. Доказите се бројни. Долго време, на пример, тие се залагаа за создавање на АЛМАКОС, во кој би влегле Албанија, Македонија и Косово при што се комбинира и со Црна Гора. Во таа творба огромно мнозинство би  биле Албанците а ние и, евентуално, Црногорците – малцинства. Од преку седум милиони (со Црна Гора), Албанците би биле преку пет, или две третини. Таа варијанта не е мртва ама е замрзната бидејќи не изгледа реално.

Дека ова не се измислици, најдобра потврда е документот кој по државен налог го изготви Албанската академија на науките, во 1998 година – “Платформа за решавање на албанското национално прашање“. И тоа беше се’ албански проект бидејќи во неговата изработка учествуваа и албански интелектуалци од Македонија, Косово, Јужна Србија, Црна Гора… Во основата, тоа беше стратегија за реализација на големоалбанскиот проект, а никој од Запад немаше никакви забелешки. Тогаш службував во Тирана и од американскиот амбасадор, сега покоен, Лимпрехт, барав објаснување зошто не реагираат на еден ваков документ со кој се загрозува безбедноста на целиот регион? Неговиот одговор беше дека во истиот нема ништо спорно бидејќи не се повикува на  насилство!? Чиста лага. Се покажа дека платформата беше само идеолошка база врз која веќе следната година започна војната на Косово, која заврши со неговото насилно отцепување и бомбардирање на Белград. Тоа беше американски проект и затоа беше таков одговорот на нивниот амбасадор. Не треба да има никаква дилема дека САД биле активен чинител во целата постапка околу платформата. Впрочем, додека таа беше во изработка, истовремено се тренираше и УЧК од страна на американски и британски воени инструктори главно во кампови во Албанија. Во политиката нема ништо случајно.

Според платформата, пак,  Македонија требаше да се освои преку високиот наталитет. Меѓутоа, и тоа им се изјалови бидејќи ем наталитетот на Албанците се намали, ем тие масовно се иселуваат. Затоа не успеа и пописот од 2011-тата. Затоа, сега ја менуваат тактиката и успеваат бидејќи во земјава беше донесена власт која  доброволно го уништува националниот карактер на државата. Нашиве неранимајковци одлично им се вклопуваат во плановите на САД и Албанците, вклучувајќи и преку пописот.

За крај, повторно да потсетиме дека ова не е ништо ново. Пред локалните избори во 2013, тогаш кандидат на ДПА за градоначалник на Струга, Зијадин Села повикуваше – “Гласајте масовно за да го бетонираме фактот дека Струга е албанска“! (“Република“, од 12/4/2013). Неговиот тогашен лидер, Мендух Тачи, велеше – “Македонија е вештачка земја, ‘држава експеримент’ и добро би било Албанците да живеат во една држава“ (“Дневник“, од 19/3/2012)… Вакви примери има илјадници ама нема кој да ги разбере. Старо правило е дека додека двајца се караат, користи третиот. Ако дозволуваме 20-тина албански пратеници да ни ја кројат судбината а 100-тина македонски си ги вадат очите меѓу себе и ништо друго не ги интересира, повеќе и не сме заслужиле.

Добро е што се одложи пописот. Меѓутоа, како изгледа, тој ќе се одржи под условите утврдени со веќе донесениот закон а тие се погрешни и неприфатливи.

– Пишува, Ристо Никовски.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This