Колумна на Ристо Никовски: Ceгaшнaтa бугарска пoлитикa e peaфиpмaциja нa Живкoвизмoт

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

За да се согледаат корените на сегашните бугарски политички небулози во однос на Македонија и Македонците, одличен водич е книгата на бугарскиот историчар Чавдар Маринов – “Македонското прашање од 1944 до денес“. Книгата е објавена во Франција, во 2010 година, каде авторот и докторирал а кај нас е преведена и издадена во 2013 година. Тој се обидува аргументирано, преку факти и документи да ги претстави политиките и настаните кои биле значајни за односите меѓу Југославија (Македонија) и Бугарија, во периодот по 1944 година и книгата може да се смета како доста балансирана. Нејзина најголема вредност се бројните детали од бугарските архиви кои тој очигледно ги истражувал.

Кога се чита книгата, веднаш паѓа во очи дека Софија сега ги исполнува задачите прецизирани од Политбирото на ЦК на БКП, од април 1967 (стр. 78). Според истите – 1. Нема историски и научни податоци за постоење на македонска нација, држава или јазик пред 1945; 2. Се признава постоење на македонска Социјалистичка Република во рамките на Југославија каде што, почнувајќи од 1945, почнала да се формира македонска национална свест; 3. Населението на Благоевградскиот округ претставува неразделен дел од бугарската нација; 4. Ќе настојуваат на правото за слободно национално самоизјаснување на сите оние кои живеат во Македонија и се сметаат како Бугари. Вообичаено по одлуките на политбирото, следела директива за извршување на истите а Бугарската академија на науките (БАН) требало – “да ја координира активноста на сите бугарски историчари, книжевни и филолошки научници, со цел изработка на заедничка позиција во врска со историјата, со културата и со јазикот во Македонија“. Веднаш започнала корекција на школските учебници и широка меѓународна пропагандна акција на руски, француски, англиски и шпански. Странски научници се “охрабрувале“ да објавуваат дела за “македонското прашање во согласност со историските вистини“. Се иницирала огромна научна и издавачка активност посветена на минатото, на културата и на јазикот на “македонските Бугари“. Архивите, пишува Маринов, морале да издвојат кои документи да се објавуваат а кои да се тргнат и да не бидат достапни, особено за југословенските историчари. За авторот, воопшто не е спорно дека дошло до (стр. 90) – “целосна кристализација на чисто националистички мотиви кои ја определуваат политиката на бугарскиот комунистички режим во овој период“. Бугарското раководство верувало дека – “на овој начин, идентитетските тенденции во југословенска Македонија, можело да се свртат во нивна корист“.

Живков, меѓутоа, бугарскиот став во однос на Македонија, кој денес доживува целосна ренесанса, го формулирал уште на почетокот на 1963 (стр. 64-66) – “БКП го признава ’создавањето’ на ’македонска национална свест’ како ’објективна реалност’, но ограничена на југословенска Македонија. Таа се појавила по Втората светска војна и била создадена врз ’антибугарска основа’“. На пленумот на ЦК на БКП, одржан на 11 и 12 март истата година, се отишло и чекор понатака. Прво бил прогласен Григор Прличев за бугарски “преродбеник“, на што реагирал југословенскиот амбасадор. Потоа, на пленумот, Живков “утврдил“ дека “државата на Самоил била бугарска“, дека “Македонија е колевка на бугарската Ренесанса и на создавањето на бугарската нација“, го “афирмирал бугарскиот идентитет на дејците на ВМРО, посебно на славниот Гоце Делчев“… Тој изјавил – “не би било марксистички од страна на Бугарите да се откажат од својата историја, од фигури–симболи како Кирил и Методи, монахот Паисиј Хилендарски и браќата Димитар и Константин Миладинови“. Се цитира Живков и дека – “македонскиот јазик е само ’еден говор кој им припаѓа на нашите западни говори, еден дијалект’. Ова е јазикот кој бил користен од Кирил и Методиј и од средновековните охридски писатели“. Според Живков – “населението од Пирин е дел од бугарската нација“, а – “македонската емиграција во Бугарија не е дел од ’македонската националност’“. Маринов коректно констатира дека – “раководството на партијата не се двоумело да навлезе длабоко во историографски дебати“.

Ова бил дефинитивниот прекин на политиките на Георги Димитров. Живков, исто како и неговите наследници сега, поставил услов  – “Бугарија го прифаќа постоењето на македонска Република во Југославија додека нејзините раководители се откажуваат од мешањето во ’внатрешните работи’ на Бугарија“. Според него – “бугарската нација била распарчена од страна на Берлинскиот конгрес во 1878: 30 – 40 проценти од територијата и бугарскиот народ биле отсечени“ а “Втората светска војна не го решила ова прашање“. Не е спорно дека излезот за него е – Сан Стефанска Бугарија. Маринов оценува дека – “за бугарското раководство, да се признае посебен македонски јазик, би било рамно на откажување од еден дел од бугарската историја“ што, практично, значи – “Македонците треба да ја преземат улогата на нација лишена од историски традиции. Тие би биле скорешен и случаен производ“.   Работите во Бугарија стануваат појасни само кога се знае колку Македонци биле прогонувани, малтретирани, измачувани, затворани та и убивани само заради нивната национална припадност. Кога на народот ќе му втераш страв во коските, се’ друго е лесно. Можеш да правиш што сакаш. Македонците во Бугарија биле секогаш застрашувани од власта и не се осмелувале да зборуваат за својот идентитет кој не само што не бил прифатен, освен во времето на Георги Димитров, туку бил забранет и казнив. Иако со сосема друга намера и објаснување, Маринов го потврдува и тоа (стр. 41). Цитира некој локален партиски секретар од пиринскиот крај – “Населението не прави разлика меѓу Македонци и Бугари. Јас на повеќе лица им поставив прашање дали знаат што се тие, и тие ми одговараат: ‘бугарски Македонци’…“. Авторот  не коментира, а сака да покаже дека тоа е едно исто за луѓето, што значи дека сите се Бугари. Арно ама, ова е класичен доказ дека се работи за чистокрвни Македонци кои се прикриваат бидејќи се плашат отворено да кажат што се. Впрочем, ако не беа Македонци, зошто не би одговориле – Бугари? Нивниот одговор апсолутно докажува дека се  – Македонци, ама со страв во коските. Маринов констатира (стр. 18) – “Годината 1878 може легитимно да се смета како почеток на Македонското прашање. … Оттогаш, надворешната политика на Софија била доминирана од иредентистички проект чија прва цел е приспојување на Македонија и, на тој начин, создавање на ‘Голема Бугарија’, исцртана во Сан Стефано“. Тој оценува дека – “Општо земено, малку од изворите потврдуваат македонска етничка или национална самоидентификација кај локалните Словени пред 20 век. Односно, за повеќето од точките, историчарите од Софија изгледаат верни на називите наследени од минатото: историските личности кои искажувале посебен словенски македонски идентитет биле поретки отколку жителите од Македонија кои декларирале бугарска припадност“. Ние можеме само да се согласиме: во ред, уплашените нека биле побројни ама е клучно дека добар дел се декларирале како – Македонци, а не како Бугари. Суштината е дека имало Македонци, колку и да биле тие, што Бугарија никако не сака да признае. Впрочем, поради иредентизмот на Софија по 1878 година, кој го нагласува и самиот Маринов, на сите им било јасно дека не било баш многу мудро да се изјаснуваш како Македонец. Авторот го потврдува тоа и кога констатира (стр. 21)  – “Како што гледаме и македонскиот идентитет постоел, иако различно артикулиран“. Наведува дека – “Во одредени контексти, Словените од Македонија еднакво развивале ексклузивен македонски национализам. На пример, таков е случајот со самоукиот историчар и лексиколог Ѓорѓија Пулевски кој, во 1875, напечатил Речник од три јазика: славомакедонски, турски и албански“. Го споменува и Крсте Мисирков – “Во 1903, малку по катастрофата на Илинденското востание, тој издал памфлет кој денес е гледан како ‘манифест’ на македонскиот национализам: За македонцките работи“. Спомнува и дека – “Подоцна, во Санкт Петербург, неговиот колега Димитрија Чуповски започнал да го издава весникот ’Македонски глас’ кој ги ширел истите идеи: македонските Словени не се Бугари, Срби или Грци, туку тие претставуваат посебна нација“. Маринов требало да објасни барем што е патриотизам и борба за слободна Македонија, ако ова е веќе некаков национализам?

Маринов пишува и дека (стр. 30) – “Од 20-тите години на 20 век, Бугарската комунистичка партија (БКП) ја промовирала тезата за посебниот национален карактер на словенските Македонци. Таа била формулирана конкретно од страна на Георги Димитров, славниот водач на БКП и на Коминтерната. Од 30-тите години на 20 век, бугарските комунисти, родум од Македонија, се вклучиле во создавањето на македонска историографија, па дури и македонска литература: тоа е особено случајот со пиринскиот поет Никола Вапцаров. Подоцна, овие факти ќе бидат особено непријатни за Софија, па БКП ќе стори се’ за да ги скрие“. Интересно е што, Маринов, тој почеток го означува во “20-тите години на 20 век“ кога се знае дека Коминтерната го прифатила фактот дека постои одвоен македонски народ дури во 1934 година. За тоа секако нашол докази во бугарските архиви. Маринов пишува и за пописите во Бугарија, дека во 1946 година 169.544 лица се декларирале како Македонци (стр. 40). Во пиринскиот крај тие претставувале 63,6 проценти од неговото вкупно население, што значи големо мнозинство. Сепак, цитира дека на таквото изјаснување влијаеле партиските структури. На вториот попис, одржан во 1956 година, имало уште повеќе Македонци – вкупно 187.789, од кои 178.862 во пиринскиот крај. Ако веќе во претходниот попис имало и некаква партиска агитација, при овој секако немало. А, ако имало, можела да биде само спротивна – притисок врз Македонците. На пописот во 1965 година, вкупниот број на Македонци се свел на 9.632, од кои 1.437 во пиринскиот крај, или 0,5 процени од вкупното население.

Пишува Ристо Никовски.

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This