дома Македонија Кусок на медицински персонал, лекари од другите градови ќе помагаат во Скопје

Кусок на медицински персонал, лекари од другите градови ќе помагаат во Скопје

Бројот на новозаболени од корона вирусот во државава и натаму се зголемува со по над 100 случаи дневно. Во текот на вчерашниот ден беа регистирани 162 нови случаи, со што вкупниот број дијагностицирани од почетокот на епидемијата ја надмина границата од 4.000 и сега изнесува 4.057.

Поразително е што и два дена по ред се надминиува негативниот дневен рекорд на жртви од болеста. Вчера починаа девет луѓе, со што се надмина претходната највисока бројка на починати за 24 часа – осум, колку што имаше ден претходнио. Вкупниот број на починати во Македонија е 188. Бројот на активни случаи е 2.159.

Најголем дијагностицирани и натаму има во Скопје – 1.858 и 1.210 активни случаи, по што следат Куманово со 640 дијагностицирани и 221 активен случај, Тетово со 413 дијагностицирани и 239 активни случаи, Штип со 238 дијагностицирани и 196 активни случаи, Прилеп со 228 дијагностицирани и 20 активни случаи…

Голем е бројот и на хоспитализирани со Ковид-19. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 96 пациенти од кои 35 се на кислородна поддршка, но нема пациенти на механичка вентилација, додека во Градската општа болница „8 Септември“ се хоспитализирани 77 пациенти од кои на респираторна машина се 10, а 20 се со потешка клиничка слика.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 22 пациенти, а на домашно лекување преку болницата се следат четворица пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани 20 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 63 пациент – позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Поради наглиот пораст на бројот на пациенти на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“, голем број медицински сестри од повеќе болници во државава пристигнаа во тие две јавни здравствени установи за да им помогнат на своите колеги.

На Клиниката за инфективни болести се упатени триесеттина медицински сестри од повеќе болници во државата. Исто толкава бројка медицински сестри од повеќе болници ќе се распределат и во ГОБ „8 Септември“.

Во овие две јавни здравствени установи приемот на заболени од Ковид-19 е најголем со речиси целосно исполнети капацитети.