дома Сцена „Леб и сол“ ќе настапи со хорот и оркестарот на МОБ на...

„Леб и сол“ ќе настапи со хорот и оркестарот на МОБ на последниот концерт

Рок-групата „Леб и сол“ со последен настап ќе заокружи 40 години од формирањето. На Концертот „Леб и сол Simphony“ на 20-ти, 21-ви и 22 декември бендот (Кокан Димушевски, Бодан Арсовски, Димитар Божиков и Михаил Парушев) ќе го придружува Оркестарот и Хорот на Македонската опера и балет. Концертот има специјална програма во која нивните песни ќе прозвучат во оркестарски аранжман.

Ќе бидат изведени 15-ина од целиот период на постоењето на групата – од почетокот на кариерата во доцните 1970-ти се до последниот албум. Биле избрани тие што се податливи за симфониски израз. Ќе бидат подолги од оригиналните, со нови делови кои ја прошируваат композицијата.

– Избравме од тие што се малку поинтелектуални. За голем оркестар и хор треба да се избере точно тоа што може да добие заеднички елемент и добивме нова, уникатна форма, изјави клавијатуристот Димушевски на вчерашната прес-конференција по повод концертот.

Гитаристот Бодан Арсовски истакна дека во нивната кариера изградиле препознатлив звук, пред се рок, како и музика од други влијанија – џез и техно. Со овој концерт, рече тој, го достигнуваат врвот. Концертот воедно ќе биде и нивно разделување со сцената.

– Музиката се уште постои во нас, меѓутоа скалилата по кои се качувавме цел живот просторно и временски се потрошија, единствено останаа духовните скалила. Ова ќе биде еден убав чин во предновогодишните празници да ви понудиме нешто што ќе ја исполни вашата душа, рече Арсовски.

На прашањето кој период го смета за најдобар во нивната кариера, одговори дека бил почетокот, нарекувајќи го чиста светлина. – Еуфорија, брзи случувања, интервјуа, турнеи. Траеше три-четири години кои ми пролетаа како еден ден, рече Арсовски, додавајќи дека верува во циклични појави зашто следувале успешните 1986/1987, па 1996-та која била година на официјалното растурање на групата, десетгодишна пауза и реоформувањето во 2006-та.

Димушевски додаде дека завршуваат нивните концертни настапи затоа што, рече, се има почеток и крај. – Се што е зад нас и останува е музиката. Таа ќе трае барем уште 40 години. Ќе ги нема само концертите под името „Леб и сол“, но од музика не се откажувам, можеби кога ќе наолнам 110 години, рече Димушевски.

Поради распродадените концерти на 20-ти и 21 декември, МОБ најави и трет концерт „Леб и сол Simphony“ на 22 декември.