дома Македонија МАКЕДОНЕЦ СТАНА ГРАДОНАЧАЛНИК ВО АВСТРАЛИЈА: Бил Саравиновски стана градоначалник на Бејсајд во...

МАКЕДОНЕЦ СТАНА ГРАДОНАЧАЛНИК ВО АВСТРАЛИЈА: Бил Саравиновски стана градоначалник на Бејсајд во Австралија!

Бил Саравиновски, Македонец по потекло, избран е за прв градоначалник на Советот на новата општината Бејсајд. Советникот Саравиновски и претходно беше градоначалник на општината Рокдајл.

Денес се одржа конститутивната седница на новиот состав на Советот на општината Бејсајд, по соединувањето на поранешните општини Рокдајл и Ботани Беј. Во присуство на семејствата и пријателите, петнаесет советници положија свечена заклетва.

За градоначалник се кандидираа Бил Саравиновски од Лабористичката партија и Лиз Барлоу како независен кандидат. Советниците можеа да изберат помеѓу три методи на гласање – преференцијално тајно гласање, обично тајно гласање или отворено гласање со кревање на рака. Гласањето беше направено со обични гласачки ливчиња, со заокружување за кандидатот за кој се гласа. Советникот Бил Саравиновски доби десет гласа од петнаесетчлениот Совет.

За заменик градоначалник беа кандидирани Либералот Пол Седрак и Лабуристот Џое Авада. Советникот Џое Авада со тајно гласање и мнозинство гласови беше избран за заменик градоначалник на општина Бејсајд.