дома Македонија Македонија и Ковид-19: Се чекаат пет фрижидери за вакцини

Македонија и Ковид-19: Се чекаат пет фрижидери за вакцини

Пет специјални фрижидери со капацитет да мрзнат до минус 80 степени целзиусови за чување на вакцините против ковид-19 се очекува месецов да пристигнат во земјава. Тие се донација од американска фондација, а од Министерството за здравство велат дека ќе има и дополнителни вакви магацински капацитети преку донации.

Останатата инфраструктура за вакцинацијата е подготвена, операторите веќе имаат т.н. студени соби и возила за ладен синџир на дистрибуција на вакцините. И здравствените работници ќе добијат посебен тренинг за манипулација со самата вакцина, односно за земањето, дозирањето и растворањето.

– Преку СЗО во нашата земја ќе стигнат уште 3 фрижидери на минус 30 и два фрижидери на минус 80 степени. Така дополнително ќе се зголеми капацитетот за чување вакцини. За вакцинација на граѓаните ќе се користат постоечките вакцинални пунктови, бидејќи таа инфраструктура е добро поставена и функционира, велат од Министерството за здравство .

Првите дози вакцини преку Ковакс-механизмот се очекува земјава да ги добие кон крајот на јануари или почетoкот на февруари. Потоа, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, преку директна спогодба со компанијата „Фајзер“ и донација од Делегацијата на ЕУ се очекуваат вакцини за вкупно 1,2 милиони граѓани. Тоа, според здравствените власти, е доволно за колективен имунитет.

Професорот на Медицинскиот факултет, Никола Пановски, за ТВ Алсат вели дека клучно е граѓаните „да издржат“ до пролетта, оти со вакцинацијата и повеќе време поминато на отворено, потешко ќе оди преносот на вирусот. Сега уште постои ризик. Треба да се издржи, иналу џабе ќе биде сè што сме правеле досега, тоа е како во Втора светска војна во 1945 г. во мај да загинете, вели тој.

Сепак, според Пановски, враќањето на живот без здравствени протоколи е далеку.

  • Целосно разлабавување, спортски натпревари и концерти со публика без здравствени протоколи, доколку е успешна вакцинацијата и опфатот е добар, нема да биде пред март догодина, вели Пановски.

Со оглед на тоа што што бројките на новозаразени сигнализираат дека ситуацијата со ковид-19 се смирува, министерот за здравство веќе најави дека е можно определено олабавување на мерките, првично за подолго работно време на угостителските објекти. За тоа последниот збор ќе го има Комисијата за заразни болести, но не пред 21 јануари.