дома Актуелно Македонската економија како темпиpaна бomба: Долгот на рекордно ниво, пaд на БДП...

Македонската економија како темпиpaна бomба: Долгот на рекордно ниво, пaд на БДП и инфлациja која е веднаш зад аголот

„Седиме на темпирана бoмба“ овие зборови накратко го опишуваат извештајот на најголемата германска банка, Дојче Банк која во својот последен извештај го анализира импактот кој ќе го има инфлацијата на светската економија во наредната декада.

 

Eкономските аналитичари на Дојче Банк потенцираат дека понатамошното игнорирање на инфлацијата ќе ја одведе глобалната економија до голема криза, а пред се прстот го вперуваат во американската политика за печатење пари.

Инфомакс поразговара со еден од најголемите македонски експерти од областа на економијата, екс министерот за финансии Кирил Миноски кој беше на чело на министерството во периодот 2016-2017-та година.

Според него растот на инфлацијата во светски размери пред се поради поврзаноста на македонската економија со светската економија веќе се чувствува и кај нас, а тој тренд Миноски очекува да продолжи да расте.

-Зголемувањето на инфлацијата во глобални рамки, поради отвореноста и интегрираноста на македонската економија во светската економија, веќе се чувствува и кај нас. Согласно на анализите на реномирани економски инситути и истражувачки центри, овој тренд се очекува да продолжи и во наредниот период, пред се како резултат на огромните пакети за економска помош креирани за поттикнување на агрегатната побарувачка во најголемите економии, како онаа на САД и ЕУ и впумпување на дополнителна ликвидност. Сето тоа ќе се преслика и кај нас, вели Миноски.

На прашањето дали треба да не загрижува состојбата во македонската економија кога станува збор за инфлацијата, Миноски потенцира дека повисоките цени ќе придонесат за дополнително намалување на животниот стандард на граѓаните, а најпогодени ќе бидат оние со најниски примања кои и сега се борат за парче леб.

-Со оглед дека според висината на животниот стандард и нивото на реалните плати ние сме заковани на дното во Европа, како и поради фактот што најголем дел од производите што ги конзумираме се од увоз, повисоките цени ќе придонесат за дополнително намалување на нивото на животниот стандард на населението и негово осиромашување. Ваквата состојба посебно ќе ги погоди оние со најниски примања кои што и сега едвај преживуваат. Сето тоа ќе креира дополнителни економски, социјални, демографски и други импликации со што состојбата дополнително ќе се влошува. Платите во догледно ниво тешко дека ќе може да ја следат стапката на инфлација, од бројни причини (недоволно конкурентен приватен сектор, ниска продуктивност, недоволна иновативност, итн.). За жал спасот повторно ќе се бара во заминување во странство, со цел да се обезбеди егзистенција, се разбира доколку условите со пандемијата тоа го допуштат, вели екс министерот.

Кога станува збор за капацитетот на македонската економија да се справи со уште една економска криза Миноски е дециден дека граѓаните ќе ја платат цената за кризата преку повисоки даноци, нови такси и повисоки цени на основните производи за живот.

-За просечниот македонски граѓанин, Македонија е во константна економска криза. Се разбира дека импликациите на кризите како онаа во 2008 година и Ковид кризата дополнително влијаат на влошување на состојбата, а од начинот на справување со кризата и мерките што ќе бидат превземени, зависи какви ќе бидат последиците. Кризите поминуваат, меѓутоа прашање е која е цената што ќе ја платат граѓаните и компаниите. За жал гледаме дека цената на Ковид кризата ја плаќаат граѓаните, преку најавеното зголемување на даноци, воведување на нови такси, повисоки цени на енергенси, повисоки цени на основни животни продукти, наспроти неконтролираното непродуктивно трошење на државата. Наједноставен начин на справување со било која криза за креаторите на економските политики е зголемување на даноците и другите давачки за оние што ревносно ги плаќаат, од друга страна оние што не плаќаат ништо, не само што не се санкционираат туку си привилегирани да продолжат да се однесуваат на ист начин. Со тоа се создава нелојана конкуренција за којашто постојано говорат претставниците на приватниот сектор, посочува тој.

Миноски потенцира дека долгот е на историски највисоко ниво, но она што го загрижува екс министерот и останатите експерти е фактот што не се бара решение туку од година во година тој е на се повисоко ниво.

Тој истакнува дека Македонија е веќе високо задолжена земја, а Бруто домашниот производ е во пад, што пак упатува дека не постои раст на економијата потребен за да се сервисира долгот на државата. Миноски предупредува дека инфлација на светско ниво ќе значи и поголеми каматни стапки што пак во превод ќе значи поскапи кредити за сервирисирање на старите заеми.

-Долгот е на досега историско највисоко ниво. За жал не постои никаква дебата во однос на висината на долгот и начинот за негова консолидација. Гледаме дека сите досегашни проекции за неговата висина, едноставно без реакции во јавноста се заменуваат со нови, а константа е неговото постојано зголемување. Со висина на јавен долг од околу 63% од БДП, Македонија е денеска високо задолжена земја. Паралелно со зголемување на долгот во првиот квартал од 2021 година, наместо најавеното зголемување на БДП имаме намалување за -1,9%. Тоа значи немаме раст кој што би обезбедил сервисирање на долгот. Она што поебно загрижува е што овој ново акумулиран долг не доведе до изградба на нова или подобрена патна, енергетска, здравствена или образовна инфраструктура, ниту пак доведе до инвестиции во истражување и развој.

Од друга страна се очекува дека зголемувањето на стапката на инфлација ќе придонесе и за зголемување на каматните стапки, зголемувањето на каматните стапки на светските пазари на капитал, ќе значи дека во иднина задолжувањето што ќе го прави државата ќе биде поскапо. Со тоа сервисирањето на долгот ќе станува се пороблематично, вели Миноски.

Ако за „нас“ светот е застанат додека сме во чекалната на ЕУ, ни се случуваат процеси за кои мораме да бидеме подготвени.

Најголемиот германски заемодавател предупреди дека невидените нивоа на готовина се инјектираат во економијата, додека стравувањата од инфлација се отфрлаат, ова според Дојче Банк ќе доведе до огромна економска криза, ако не во скоро време, тогаш во 2023 година и понатаму.

 

Само замислете си чекате во ред со доволно пари за да купите векна леб, но додека да дојде вашиот ред цената на лебот е веќе повисока од парите кои ги имате во џеб поради инфлација.

Ова е екстремен пример за хиперинфлација со кој се обидуваме само да доловиме што може да се случи доколку инфлацијата неконтролирано започне да расте, односно изнесува над 50 проценти на месечно ниво.

Во моментов Македонија можеби е далеку од ова сценарио, но она што е сигурно е дека секој ден сме се поблиску.