По дванаесетти пат граѓани поддржувачи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ попладнево маршираа во Македонска Каменица.
Протестот се одвиваше низ улиците во центарот на Македонска Каменица и заврши на градскиот плоштад каде пред насобраните граѓани се обрати Анета Темчева, која го повика народот да се освести и да не дозволи реприза од конфликтот од 2001 година.
– Народе, освести се, а вие мајки не дозволувајте да ја осетите 2001-вата на своја кожа. Отсекогаш имало предавници на оваа земја, не луѓе, туку плашливци за нејзино чување. Велат дека луѓето заминуваат оттука, но нѐ има и нас кои сме останале. Па и во нас тече крв, која е создадена од Бога, а сѐ што е создадено од Бога, вреди да се излие за Македонија. Со предавници околу нас, како ќе ја браниме земјата на Александар, кога и него го изгазивме. Заборавија некои и на Гоце, Сандански, Гули и Карев. Духот на Гоце нема никогаш да ви прости, истакна Темчева.
Протестен марш за унитарна Македонија се одржа и во Берово и Делчево.