дома Хроника МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН УБИЕН ВО КАБУЛ: Работник од Македонија во Авганистан, киднапиран и...

МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН УБИЕН ВО КАБУЛ: Работник од Македонија во Авганистан, киднапиран и убиен утринава!

Македонски државјанин е меѓу тројцата киднапирани и убиени лица во близина на Кабул рано утрово. Според првичните информации, тој работел за меѓународна компанија за храна и кетеринг.

– Индиски, малезиски и македонски државјанин беа киднапирани и убиени, а ги пронајдовме нивните тела”, изјави портпаролот на началникот на полицијата во Кабул Хашмат Станекаи.

Портпаролот дополни дека тројцата работеле во втората по големина компанија за храна и кетеринг во светот „Содексо“ од каде засега нема коментар за настанот.

Авганистански претставник соопшти дека покрај телата на убиените биле пронајдени нивните лични карти.  Според светските медиуми, работниците биле киднапирани рано утрото од областа ПД9 во Кабул, а нивните тела биле пронајдени малку подоцна во квартот Мосаи.

Претставниците на „Содексо“ засега се недостапни за коментар. „Содексо“ е втората најголема компанија во светски рамки за производство на храна и кетеринг, во која биле вработени киднапираните и убиени.

Ниту една група досега не ја презеде одговорноста за злосторството.

Агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на неименуван дипломат, објави дека тројцата работници биле киднапирани рано утрово, а набрзо потоа биле пронајдени и нивните безживотни тела.

Од македонското МНР за Алфа изјавија дека знаат за трагичниот настан но дека со оглед на специфичноста на Авганистан, ќе треба дополнително време за од тамошните власти да се добијат поконкретни информации.

Авганистан, заедно со Ирак, иако земји од висок ризик, се честа дестинација за македонските печалбари кои во овие земји, главно работат во компании кои се ангажирани од американската армија. Во 2006 година четворица македонски државјани беа убиени во авганистанската област Кандахар. Две години пред овој случај, во Ирак беа егзекутирани тројца кумановци. Во 2016 година пак, македонската државјанка Анита Андреевска-Митровска беше една од жртвите во терористичкиот напад во главниот град на Брегот на Слоновата Коска, Абиџан, каде како волонтер работела во мисијата на Обединетите нации.