дома Политика Милошоски: Иницијативата за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ не е статутарна,политички е...

Милошоски: Иницијативата за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ не е статутарна,политички е координирана со Заев

Во моменти кога државата е хибриден режим, најкорумпирана држава во Европа, нула вакцини, 3.000 жртви, 55.000 нови невработени и многу затворени фирми, Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес во ВМРО-ДПМНЕ се обидува тоа да го релативизира и да му фрли гума за пливање на Зоран Заев, рече пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Не е ниту статутарна, ниту правна иницијативата за одржување вонреден конгрес на група луѓе кои подолго време имаат одредена дистанца од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот на најголемата опозициска партија Антонио Милошоски, додавајќи дека станува збор за политичка иницијатива на група луѓе кои имаат за цел да му помогнат на Зоран Заев и да го одвлечат вниманието на јавноста.

– Во моменти кога државата е хибриден режим, најкорумпирана држава во Европа, нула вакцини, 3.000 жртви, 55.000 нови невработени и многу затворени фирми, оваа иницијативна група се обидува тоа да го релативизира и да му фрли гума за пливање на Зоран Заев. Затоа сакам да напоменам дека ваквата иницијатива правно гледано е нестатутарна, политички гледано е координирана со Заев кому му е очајно потребен дефокус од лошите политики. На крајот на краиштата, бидејќи и самиот месец март е најавен од самите иницијатори, би било добро овие иницијатори заедно со Заев којшто најави исто така конгрес на СДСМ, да одржат заеднички конгрес сплотени со Заев. Ако веќе одработуваат за Заев, нека биде тоа на еден економичен начин, на исто место и со иста цел. Во ВМРО-ДПМНЕ воопшто не сме изненадени од ваквиот чекор, бидејќи веќе беше најавуван долго време, политички е координиран со Заев, но истиот сметаме дека статутарно е неоснован, а политички може до одредена мерка да му послужи на Заев, ама нема да го спаси од реалните проблеми на корупција и хибриден режим – посочи Милошоски..

Во текот на прес-конференцијата Милошоски се осврна и на пописот кој треба да се одржи од 1 до 21 април годинава, па како што рече, наместо статистичка операција, власта на Зоран Заев во пописот гледа политичка операција.
– Власта го политизира пописот по две основи. Прво, самите претставници на власта почнаа со лицитирање на проценти кој и колкав процент треба да биде за пописот да биде признаен или непризнаен. И второ, видовме дека по директива на Заев власта ја одби и граѓанската иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ за собирање на потписи за поништување на овој неевропски Закон за попис. Со тоа власта на Заев покажува дека се плаши од граѓански потписи бидејќи Заев и неговите министри се многу свесни дека големото мнозинство граѓани во Македонија се сомнева дека овој попис ќе биде политички фалсификат наместо да биде веродостојна статистика. Во спротивно, ќе прифатеа граѓаните на регуларен начин преку Министерството за правда да ги соберат потписите за спротивставување на ваквиот закон – рече Милошоски.

Но, она што можам да го истакнам денес, додаде тој, е дека ВМРО-ДПМНЕ и покрај ваквите институционални пречки ќе ја започне иницијативата на собирање потписи од сите граѓани, една натпартиска иницијатива каде што ќе може да се потпише секој оној граѓанин којшто се залага за фер, европски и веродостоен попис во Македонија и да се потпише секој граѓанин којшто е против ваков политички попис кој што води кон фалсификат.

– Дополнително кога ќе дојде време за тоа ќе ги соопштиме и пунктовите и местата каде што секој граѓанин ќе може да го даде својот потпис и тие потписи заедно со иницијативата на пратениците ќе значат една сериозна, легитимна операција, проект кој што ќе биде доставен до Собранието со сериозна граѓанска тежина преку која што ќе се утврди дека власта има сериозна опозиција кај самите граѓани коишто не ѝ веруваат на власта дека е спремна да спроведе статистички и европски попис – посочи Милошоски.

На прашањето како ВМРО-ДПМНЕ ќе постапува понатаму во врска со Иницијативата за поништување на Законот за попис, пратеникот одговори дека изговорите на власта за некаков формален пропуст на иницијативата се правно неосновани бидејќи важна е содржината на иницијативата.

– Содржината на иницијативата е да е соберат потписи на граѓани кои се против попис кој значи политички фалсификат, сè е друго само изговор. Затоа ВМРО-ДПМНЕ оваа иницијатива ќе ја продолжи на два начина. Еден начин е легален начин на предлагање на закон преку пратеници и легитимен начин на поткрепување на тој закон преку многу потписи од граѓани кои се носители на суверенитетот во државата и сметам дека законодавниот дом како претставнички дом на граѓаните нема да има право да одбие било кој потпис на граѓанин кој ќе дојде во поддршка на закон за европски попис – рече Милошоски.