дома Македонија МИСТЕРИЈА КОЈА ТРАЕ ОСУМ МЕСЕЦИ: Ни трага, ни глас од младата Марија...

МИСТЕРИЈА КОЈА ТРАЕ ОСУМ МЕСЕЦИ: Ни трага, ни глас од младата Марија Брзакова

Една од најголемите мистерии во земјава, исчезнувањето на младата жена Марија Брзакова од струмичкото село Босилово, уште нема разрешница, ниту по повеќе од осум месеци откако исчезна.

Таа исчезна уште на 18 јануари годинава, но оттогаш нема ни трага ни глас од оваа жена, а надлежните велат дека немаат никакви нови информации.

Од обвинителството велат дека се уште не ја прекинале потрагата по 29 годишната млада жена и велат дека таа официјално се уште трае.

„Нема ништо ново за тој случај. Кога би имале повеќе информации, ние бу ги споделиле со кавноста. Инаку, потрагата се уште трае, се додека не е затворена истрагата, потрагата же трае“, објаснуваат за ФАКТОР од Јавното обвинителство.

Во изминатиов период се проширија бројни шпекулации за Марија, што е и логично за еден вака мистериозен случај. Една од нив беше дека Марија можеби ја напуштила земјава, иако тоа е многу тешко веројатно, бидејќи како што кажаа нејзините најблиски, таа кога заминала, кај себе немала лични документи.

ФАКТОР пред неколку месеци се интересираше во струмичкото јавно обвинителство до каде е истрагата. Она што беше интересно што оттаму го открија е дека се испитувала евентуална кривична одговорност кај нејзини блиски во семејството. Од она што досега се искристализирало, Марија сигурно не ја напуштила земјава, рекоа тогаш од обвинителството.

„Во врска со исчезнувањето на лицето за кое покажувате интерес, Основното јавно обвинителство Струмица оформи предмет и во рамките на предистражна постапка презеде повеќе дејствија – прибавени се видео снимки од безбедносните камери на повеќе приватни и деловни објекти во Босилово, испитани се семејството, роднините, повеќе граѓани кои имале контакти со семејството на исчезнатата, како и лица за кои надлежниот обвинител сметаше дека би можеле да имаат сознанија за настанот. Дополнително, во насока на испитување на евентуална кривична одговорност, беше извршен претрес во домот на исчезнатото лице и беа издадени наредби за вештачење на мобилни телефони во сопственост на исчезнатата и на нејзини блиски лица. Од страна на правосудната полиција, во соработка со ловни друштва и граѓани беше организирана потрага по исчезнатата, но таа потрага не даде резултати“, велат за Фактор од струмичкото јавно обвинителство.

Оттаму уште потенцираа дека од добиените податоци од сите гранични премини и од двата аеродроми во земјава, било утврдено дека исчезнатата не ја напуштила државата.

Во меѓувреме, Марија се бараше и преку социјалните мрежи, за што беа објавувани и нејзини фотографии.

Уште на стартот на истрагата Министерството за внатрешни работи ја стави Марија Брзакова на списокот на исчезнати лица. Објавена беше и нејзина фотографија која требаше да им помогне на граѓаните, доколку го лоцираат лицето, сите информации што ги имаат за него, или да ги достават до најблиската полициска станица, или да се јават на дежурниот број на МВР.