дома Политика МИЦКОСКИ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА МКД.МК: Која беше улогата на Никола Тодоров во...

МИЦКОСКИ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА МКД.МК: Која беше улогата на Никола Тодоров во собраниските настани на 19 октомври?

ВМРО-ДПМНЕ доживува катарза, отвора ново поглавје, нови лица, ангажираме врвни професионалци. Јавноста треба да престане да се занимава со ВМРО-ДПМНЕ. Еве, мислам дека сѐ е кажано. Никој не гледа што се случува со државата, со кризата, со падот на економијата… Тоа се многу побитни теми од ова што се случува во опозициската партија, вели Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во интервјуто за МКД.мк.

Која беше улогата на Никола Тодоров во собраниските настани на 19 октомври?

– Тодоров несомнено имал свое значење во партискиот живот на ВМРО-ДПМНЕ, имал свој удел и влијание во минатите изборни победи, исто како што имаат заслуга и многу други членови кои направиле тоа да биде можно. Некои велат дека е неговото дејствување е дејствување на уценет човек, некои велат дека власта го скршила, но времето најдобро ќе покаже. На Централниот комитет се одеше со детали за неговото дејствување спротивно на политиките на партијата и на нејзина штета, како и за дејствувањето на другите за кои беа донесени одлуки таа вечер да бидат разрешени или да бидат исклучени.

Какво било неговото дејствување?

– Не би сакал поради политичка коректност да навлегувам подлабоко. Воедно не можам да дозволам ширење на невистини дека раководството вршело жестоки притисоци и закани врз поединци од партијата да не гласаат по свое убедување, и тоа да се претставува за дефинирана слика пред меѓународниот фактор, да се оди по пратеници и да се убедуваат да гласаат спротивно на партискиот став, и за истото да се убедуваат други лица од раководството на партијата или намерно да се влечат потези со кој ќе се нанесе штета на партијата.
ВМРО-ДПМНЕ е отворена и демократска партија и бидејќи побара од партијата, се овозможи сослушување на ставовите на Никола Тодоров и покрај тоа што тој прилично некоректно и со навредливи зборови се изрази за партијата кон која сега сакаше да се обрати. Во зависност на аргументите партиските органи донесоа одлука.