дома Политика Мицкоски на средба со Анџелина Ајхорст, Директорката во службата за надворешно политички...

Мицкоски на средба со Анџелина Ајхорст, Директорката во службата за надворешно политички работи на ЕУ

Претседателот Христијан Мицкоски оствари средба со Директорката во службата за надворешно политички работи на ЕУ, Анџелина Ајхорст

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. Д-р Христијан Мицкоски во рамки на неговата посета на Брисел заедно со потпретседателот Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски оствари средба со директорката за Западна Европа, Западен Балкан и Турција во службата за надворешно политички работи на ЕУ Анџелина Ајхорст.

Мицкоски на средбата кажа дека Македонија треба да го продолжи својот пат кон ЕУ и побара поддршка за државата.

Мицкоски и Ајхорст се согласија дека местото на Македонија е во ЕУ.

Зборувавме за неправдата која што е нанесена на македонскиот народ, на македонската нација и на македонската држава и неможноста да ги почнеме долго очекуваните преговори со Европската унија. Бидејќи ние како народ и како држава заслужуваме да бидеме дел од европското семејство. Тоа што навистина го добив од другата страна како повратна информација е дека желбата нејзина лична но, и желбата на политичарите овде во Брисел е навистина да дадат се’ од себе за да му помогнат на македонскиот народ и на македонската нација но, и на Македонија како држава, рече Мицкоски во изјава по средбата.

Тој кажа и дека е навистина задоволен од тоа што го слушнал и како што вели најдоброто и за македонскиот народ и држава допрва следува.

Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со претседателот Мицкоски денеска денот го продолжува со две нови работни средби. Едната ќе биде со генералниот секретар на Европската народната партија – Антонио Лопез кој што доаѓа од Народната партија од Шпанија, која што сега победи на локалните избори во главниот град во Шпанија – Мадрид. А потоа со пратеникот во Европскиот парламент Дејвид Мекалистер кој што е претседавач на комитетот за надворешна политика при Европскиот парламент и кој што доаѓа од нашата сестринска партија, партијата ЦДУ.