дома Спорт НАЈДОБРИТЕ ПРОТИВ НАЈДОБРИТЕ:20 вардарци и 6.500 фанови високо ќе го кренат гардот...

НАЈДОБРИТЕ ПРОТИВ НАЈДОБРИТЕ:20 вардарци и 6.500 фанови високо ќе го кренат гардот против Барса

Дуелите меѓу најтрофејниот тим во најсилното европско клупско натпреварување и македонскиот првак во последните години добиваат епска димензија.
Двомечот, кој може да реши многу дилеми околу изгледот на табелата во групата А во Лигата на шампионите, Вардар – Барселона, „црвено-црните” го започнуваат на свој терен (17 часот) во СЦ „Јане Сандански”. Дуелите меѓу најтрофејниот тим во најсилното европско клупско натпреварување и македонскиот првак во последните години добиваат епска димензија.

За Вардар и Барселона почнувајќи од 2003 година ова е дури седмо соочување во групната фаза од Лигата на шампионите, но во последните шест сезони делува како да не може годината да помине без нивни дуел.

Така со исклучок на 2014/2015, во сите останати сме гледале битки во Скопје или пак во „Блауграна”.
Факт е дека традицијата или, подобро кажано резултатот е на страната на Барселона, со оглед на тоа дека во последните 13 соочувања, каталонскиот гигант има десет победи, додека Вардар триумфирам двапати, а еден меч има завршено со реми.

Во 2017 година „црвено-црните” дури може да се пофалат и дека „врзаа” две победи. Во јуни на Ф4 во Келн во полуфиналето ја елиминираа Барселона (26:25), а потоа стигнаа и до европската круна, а неколку месеци подоцна, во октомври и за првпат ја совладаа Барса во едно соочување од групната фаза (27:24).

Кога се Вардар и Барселона во прашање се чини дека константно се повторува и уште еден момент, а тоа е дека најдобрата одбрана во елитното натпреварување го пречекува најдобриот напад (барем кога се во прашање А и Б групите). Поради тоа 20 вардарци и 6.500 „црвено-црни” фанови во арената „Јане Сандански” високо ќе го кренат гардот против Чави Пасквал и неговите „бомбардери”.

Но овој дуел по многу работи ќе биде различен од претходните. Една од причините е што Роберто Парондо е стартегот кој седи на клупата на македонскиот првак. Не е повеќе Раул Гонзалез тој што ги влече потезите, туку сега е еден помлад тренер, кој во кариерата не соработувал со Пасквал, но учел од неговите „трикови”. Парондо е креаторот на новиот лик на Вардар, во кој вистина е дека веќе ги нема Штербик, Абутовиќ, Марсениќ, Македа, Кањељас… но „ѕидот” пред вардаровиот гол сега го сочинуваат Калараш, Кристопанс, Дисингер… а тие покажаа дека и за кусо време може да функционираат беспрекорно. Милосављев и Гедбан се новите чувари на мрежата во кои ќе се „крстиме” дека ќе ги запрат ударите на Томас, Ентрериос, Н’гасан, Сипжак, Доленец, Палмарсон, Мем…

Со цела лепеза од „тешка артилерија” располага Пасквал, на која Парондо ќе треба да постави добра дефанзивна стратегија.

И Вардар има со што да нападне, но мора да внимава и на Перез де Варгас, голманот на Барселона, кој може да ни го „загорчи животот”.

Факт е дека и двете екипи го применуваат шпанскиот систем, односно во одбрана играат 5-1, која доколку е потребно многу брзо и лесно се трансформира во 6-0, додека во нападот контрата е „оружјето” со кое се доаѓа до лесни погодоци и со кое се прави разликата. Кој подобро ќе го примени тоа на теренот тој ќе биде победник. Впрочем најдобар покажател на тоа е што со исклучок на дуелот во ноември 2013 (кога Барса славела со 30:23), сите останати натпревари меѓу вардарци и Каталонците завршувале со гол-два разлика.