Незаборавник

Поврзано

- Advertisement -
- Advertisement -

Блаже Конески е македонски деец, со невидена творечка, културна, хуманитарна и родољубива
интуиција. Беше свесен за значењето на македонскиот јазик и прв ни го соопшти сознанието дека јазикот ни е единствената целокупна татковина. И не само тоа, туку и ја бранеше и одбрани посебноста на нашиот напаѓан и негиран јазик. Затоа, денес кога славиме 100 години од неговото раѓање, треба да знаеме дека оваа негова мисла-водилка, е и неговиот аманет до нас – неговите современици, но и до сите идни македонски генерации.

Мораме да си го браниме јазикот, бидејќи во него е сето наше историско, културно и национално богатство – народните обичаи, традицијата, преданијата, песните, приказните… сите форми на македонската општествена свест, од искон до денес.

Блаже Конески е најплодниот македонски автор и деец. Ненадминат национален мислител. Неговиот
опус се протега од литература, преку јазик и поезија до култура. Целокупно негово дело се состои од 569 единици или околу 750 позиции. Од нив 270 се на лингвистиката, 250 на литературната наука, 120 на уметничките творби, 20 на преводи од други јазици и 50 на негови текстови преведени на разни јазици.

Меѓу другото автор е и на: Историја на македонскиот литературен јазик; Граматика на македонскиот
литературен јазик; Правописниот речник; Речник на македонскиот јазик(три тома). Автор е и на
Везилка и Тешкото, песни во кои Македонија низ векови е претставена како земја на лути рани,
пламнати ноќи и пеплишта пусти. Во нив верно ги доловил болката во срцето, солзите во очите и
клетвите во устата на намачениот и напатен македонски народ.

Неговото грандиозно дело го дефинира како највишен репрезент на македонската автохтоност. За
Конески македонскиот јазик е непобитен факт, исто како и суштествувањето на македонскиот народ. А кога е во прашање неговата голема љубов, поезијата, Петар Бошковски забележа дека тој пееше
суптилно прочувствувано и мисловно искристализирано: за раѓањето, за детството, младоста и
зрелоста, за плотта и сенката, за дамарот на љубовта, за јадовите и бигорите, за униженијата и
подемите, за човековиот внатрешен предел и за исконската природа.

Неговото дело ни открива дека неговиот ген доаѓа од длабоките слоеви на македонската душевност. Се инспирирал од народните песни што му ги пеела баба му Дунавка, а со ноќи и денови го читал и
препрочитувал Зборникот на Миладиновци. Напојуван од тие извори создал дело што е златна алка која ги поврзува нашето минато со нашата иднина. Од него нај јарко читаме кои сме биле, кои сме и каде треба да продолжиме. Ѕвезда што ни го покажува патот за напред.

Конески е блаженик на речта. Поет кој на народните мотиви им даваше реско современ израз. Творец кој се идентификуваше со вековните традиции на својот народ.(позната е неговата мисла ‘’Корените на нашиот денешен литературен јазик се впиваат во наследството на една писменост што од векови наваму носи во Македонија извесно самобитно јазично обележје’’). Нежен, сугестивен и благороден поет, кој направи успешна синтеза на традиционалното и модерното.

По величината на неговото дело за стандардизацијата на македонскиот литературен јазик, од светските лингвисти е споредуван со Гете и неговите заслуги за германскиот јазик, со Јан Хус, за чешкиот доцно средновековен јазик и со Лермонтов, за современиот руски јазик. Нарекуван е македонски Вук Караџиќ, прв човек на македонската ренесанса, енциклопедија на македонската филологија, споменик што оди по улицата.

Се гласеше на струните на македонската лира и велеше дека неговите песни ги бери од дрвото на
животот. Неговото дело е најгуста синтеза и најчиста артикулација на македонското народно битие. А во неговата личност се огледа духовниот континуитет на македонскиот народ, и како неуморен творец и уникатен деец е есенцијата во темелите на македонската национална култура, во образованието и во науката. Едноставно – вистински човек, на вистинско место, во право време.

Сотир Костов

Latest News

Богата агенда:Со кого ќе се сретнат денес Ковачевски и Османи во Софија?

Владата ја објави денешната агенда на Премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и останатиот владин состав. "Вечерва заврши...

More Articles Like This