дома Македонија НЕПОТИЗАМ ВО МЕПСО: Невзат Бејта си ја вработил ќерката во МЕПСО

НЕПОТИЗАМ ВО МЕПСО: Невзат Бејта си ја вработил ќерката во МЕПСО

Ќерката на поранешнот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, е вработена во државната компанија МЕПСО, каде што добива плата од 36.500 денари, потврдуваат од таму за „Фокус“. Информацијата вчера на својот фејсбук профил ја објави новинарот Зоран Божиновски, кој рече дека Фиторе потпишала договор минатата недела

„Од петокот во МЕПСО како нов референт за јавни набавки е вработена Фиторе Бејта Акику, ќерка на Невзат Бејта“, напиша тој.

Од МЕПСО велат дека Фиторе била избрана на огласот за вработување како најдобар кандидат. Од таму додаваат дека договорот за вработување бил склучен во четвртокот.

„Работната позиција е референт за набавки, во одделот за комерцијални работи, во службата за комерцијално набавни работи, со виша/висока стручна спрема“, соопштуваат од таму.

Бејта беше градоначалник на Гостивар од 2013 до 2017 година, додека претходно ја извршуваше функцијата министер за локална самоуправа во владата на Никола Груевски. На локалните избори се кандидираше за уште еден мандат, но беше поразен од актуелниот градоначалник, Арбен Таравари. Тој е татко на три деца.