дома Здравје НИШТО ОД ФАЈЗЕР И МОДЕРНА: За сиромашните поевтини вакцини, и тоа од...

НИШТО ОД ФАЈЗЕР И МОДЕРНА: За сиромашните поевтини вакцини, и тоа од 2024

Глобалната програма за испорака на вакцини против ковид-19 на сиромашните земји е соочена со „исклучително висок“ ризик од неуспех, поради што државите во кои живеат милијарди луѓе би останале без пристап до вакцина до крајот на 2024 година, се наведува во интерни документи.

Иницијативата Ковакс, со која меѓу другите управува Светската здравствена организација, претставува главна светска програма за вакцинација во сиромашните и државите со средни приходи низ светот. Целта на програмата е испорака на најмалку две милијарди дози вакцини до крајот на 2021 година за 20 отсто од најранливата популација во 91 сиромашна земја и држави со средни приходи.

Меѓутоа во интерните документи, во кои имал увид Ројтерс, промотерите на иницијативата наведуваат дека програмата е соочена со недостиг од средства, ризици во синџирот на снабдување и сложени договорни аранжмани кои едноставно го оневозможуваат остварувањето на целите.

Доколку програмата Ковакс биде неуспешна, луѓето во сиромашните земји нема да имаат пристап до вакцините до 2024, се наведува во еден од документите, пренесува британската агенција.

Плановите на Ковакс зависат повеќе од поевтините вакцини кои сè уште не добиле одобрение од регулаторните агенции, отколку на вакцините на Бајонтек/Фајзер и Модерна кои ја користат поскапата нова иРНК технологија.

Ковакс досега постигна необврзувачки договори за снабдување со Астра Зенека, Новавакс и Санофи за вкупно 400 милиони дози, со опција за нарачка на неколку стотици милиони дополнителни дози, се наведува во еден од документите.

Меѓутоа, овие три компании се соочени со доцнење во тестирањата поради кои одобрувањата од регулаторните агенции би можеле да ги добијат дури во втората половина од 2021 година или дури и подоцна.

Тоа би можело да ги зголеми и финансиските потреби на Ковакс. Финансиските проценки на Ковакс се засновани на просечната цена од 5,20 долари по доза, се наведува во документите.

Вакцината на Фајзер чини меѓу 18,40 и 19,50 долари по доза, додека таа на Модерна чини меѓу 25 и 37 долари. Ковакс не склучил договор со ниедна од овие две компании. Ниту како приоритет се става инвестирањето во ладени ланци на дистрибуција во сиромашните земји, неопходни за вакцината на Фајзер, бидејќи и понатаму се очекува дека главно ќе се набават вакцини кои бараат конвенционално складирање.

Богатите држави, кои ги резервираа повеќето во моментов достапни резерви од вакцините, исто така планираат да го донираат вишокот на сиромашните држави, но не е јасно дали тоа ќе го направат преку Ковакс.