дома Македонија ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ДИЈАСПОРА: Целта не ги оправдува средствата, да за ЕУ и...

ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНСКА ДИЈАСПОРА: Целта не ги оправдува средствата, да за ЕУ и НАТО не за Северна!

Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) уште од своето основање во 2004 година, е најгласниот подржувач на Македонија надвор од нејзините граници за нејзино членство во НАТО и Европската Унија. Денес во седиштето на најголемата безбедносна алијанса, со потпис на 29-те Амбасадори на земјите членки, “Северна Македонија” наместо Република Македонија, го потпиша Протоколот за пристапување како 30-та членка на НАТО. Според ОМД, целта за членство на земјата во НАТО, не ги оправдува средствата. Цената е превисока.

Иако интеграцијата на Македонија во НАТО важи за стратешки интерес кој ужива национален консензус, условеноста на интегративниот процес со промена на уставното име на државата наместо интеграција на земјата единствено преку исполнување на критериумот за членство апликабилен за секоја друга земја членка, според ОМД, го доведува во прашање легитимитетот на организацијата за чие членство Македонија претендира со потпишувањето на Партнерство за Мир во 1995.

Додека за Димитров, „патот кој го изминавме не направи позрели и допринесе за мирно решавање на сите проблеми со соседите во регионот кој сеуште подлежи на безбедносни закани“, за ОМД, начинот на пристапување на земјата во НАТО е непринципиелен и недостоинствен кон суверенитетот, интегритетот и идентитетот на Македонија и македонскиот народ.

Според ОМД, безбедноста на една земја и народ се гарантира единствено преку заложба за еднакви права, меѓу кои и фундаменталното човеково право на самоопределување. Следствено, секој компромис со човековите права и националните интереси, според ОМД се едначи со краткорочно решение кое наместо да воспостави траен мир и безбедност, делува контрапродуктивно во јакнење на револтот кај обесправените.