дома Македонија ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ: Кацарска го одложи денешното рочиште за настаните...

ОДЛОЖЕНО СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ: Кацарска го одложи денешното рочиште за настаните на 27 април

Судијката Добрила Кацарска го одложи денешното рочиште за настаните на 27 април. Со задоцнување од речиси еден час судијката Кацарска влезе во судница, им се извини на присутните и извести поради некоординираност на судот денешното рочиште нема да се одржи, а судењето за оваа постапка ќе продолжи утре. 

Причина за одложувањето беше отсуството на обвинетиот Мунир Пепиќ кој во истото време кога требаше да се одржува судењето за „27 април“, тој се наоѓаше во друга судница како обвинет во рочиштето за случајот „Титаник“ за изборните нерегуларности.

Кацарска во записник наведе дека обвинетиот Пепиќ не бил спроведен од куќен притвор на судењето за „27 април“, а потоа појасни дека тој се наоѓа во судот, но е во друга судница.

„Иако не е моја вина, ви се извинувам на сите присутни овде за доцнењето и морам да ве известам дека поради некоординираност на судот денес нема да има судење. Датумите за овој предмет се закажани пред некое време, бидејќи се работи за притворски предмет. Во исто време е закажано рочиште за случајот ‘Титаник‘ каде како обвинет се јавува Мунир Пепиќ кој исто така е обвинет и во овој предмет. Не ми е јасно зошто е ваквото однесување и на што се должи ваквата некоординираност, но морам да го одложам денешното судско рочиште“, рече судијката Кацарска.

Ова не е првпат да се поклопат термините за закажните рочишта за „27 април“ и за „Титаник“. Иста ваква ситуација имаше и пред извесно време кога судењето за „27 април“ почна со задоцнување од речиси два часа, бидејќи се чекаше да заврши рочиштето за „Титаник“ и обвинетиот Пепиќ да може да дојде и на другото рочиште. На минатотот судење за „27 април“ обвинителката Вилма Рускоска ги презентираше материјалните докази, а за денес предвидено беше да започне презентирањето на доказите на одбраната.

Во оваа постапка на 32 лица им се суди за терористичко загрозување на уставниот поредок и за помагање.