дома Религија Од денеска започнуваат Божиќните пости кои траат 40 денови, пред големиот празник...

Од денеска започнуваат Божиќните пости кои траат 40 денови, пред големиот празник Рождеството Христово

Од денес 28-ми ноември започнуваат Божиќните пости кои траат 40 денови, пред големиот празник Рождеството Христово Божик, на 7-ми јануари. Денешниот ден 28 ноември, се нарекува уште божикни поклади. Овој ден е и денот на споменот на Апостол Филип.

Светата Православна Црква постојано се грижела за душите на своите верни чеда, па изнаоѓала начини за тоа според зборовите и делата на Спасителот Господ Исус Христос. Така таа се потсетува на зборовите од Господа кој вели: „Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост“ (Матеј 17,21; спореди: Марко 9,29), мислејќи на демонскиот род, па токму пред Божик, како и за поголемите празници, востановила пост кој е познат како Божикен пост кој трае 40 дена и има за цел да го подготви верниот човек за дочек на Христовото раѓање со чиста совест и мисла, исто онака како што се подготвуваме ние за дочек на дете во овој свет (чистиме, купуваме добри предмети и среќни сме).
Најпрво имаме еден претходен ден за простување со ближните (Божикни поклади) и со мир во душата и мир со сите луѓе на светот да отпочнеме подвиг за пост, бидејќи навистина е голема работа да се пости и да се моли, а за тоа имаме сведоштва од светите отци на Црквата.

Свети Јован Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него како од страшен војвода: тој не е страшен за нас, туку за лошите духови“, односно ги потврдува Христовите зборови и тежината за секого, оти не е секој моќен за тоа, ама е потребна победа врз демоните, а тоа го правиме и телесно и духовно (психофизички).

Историјата за овој пост се следи некаде околу V и VI век, но тоа не значи дека порано го немало, туку има историска основа за сето тоа, бидејќи Богојавление и Божик се славеле во ист ден и претходел некој помалкудневен пост. Секогаш започнува на 28/15 ноември, а завршува на 6 јануари, односно 24 декември според Јулијанскиот календар, на Бадник.
Имајте лесен, благословен и богоугоден пост во овие предрождествени денови, па во овој предбожикен период посоветувајте се со свештените лица и вашите духовни Отци за напредокот во личниот живот…